Сите истражувања, анализи и извештаи го носат судството на врвот на листата според впечатокот што граѓаните го имаат за неговата корумпираност. Додека едни се „судат за 100 ќебапи“, крупни корупциски и случаи на организиран криминал или не се процесуираат, или постојано се одложуваат, или застаруваат. Истовремено, во правосудството се вработуваат и се унапредуваат внуки, сопруги и сопрузи, золви и јатрви, баџанаци, шури и сватови.
Досега ниту еден судија не е процесиран.
Зрак на надеж на јавноста и даде една јавна обвинителка, која на судии им порача дека ќе ги „истресе“. Држејќи ја за збор, и неа, и државата, која се залага за владеење на правото, група активисти поставија „Јустиција“ која веќе „тресе“ судија, на неколку локации во Скопје – зградата на Јавното обвинителство и на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Државната комисија за спречување корупција, Министерството за правда како и пред седиштата на двете најголеми политички партии.
Со оваа креативна герила акција тие ги повикаа сите „надлежни“, вклучувајќи ги и двете политички партии, да и се придружат на „Јустиција“ во борбата со корупцијата.
Фондацијата Отворено општество – Македонија активно ги поддржува граѓаните во нивните напори да направат промени кон подобро. Оваа герила акција дел од активностите со кои активистите на креативен начин пробуваат да ги подобрат условите за живот во градот и околината и да прават притисок врз властите за решавање на повеќе проблем. Креативниот активизам, како форма на граѓански активизам, јасно ги визуелизира проблемите, а понекогаш успева и да придонесе во нивното решавање. Уметноста кога е ставена во функција може да направи вистински промени. Свесни за овој потенцијал на уметноста, ние во ФООМ континуирано поддржуваме голем број активности, како што е оваа герила акција.
—————————————————
13 февруари 2020