Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Извршната директорка на Фондацијата Отворено општество – Македонија се сретна со Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски. На средбата беше разговарано за бројните предизвици кои ги носат здравствената и енергетската криза, сѐ со цел да се сочуваат личното и колективното здравје и да се унапреди животниот стандард на граѓаните. Извршната директорка на Фондацијата Отворено општество – Македонија потенцираше дека е од исклучителна важност Владата заедно со граѓанското општество, кое ќе биде нејзин партнер и конструктивен критичар, да градат силно и обединето општество, во кое владее правото и се почитуваат човековите права и општество кое им обезбедува еднакви можности на сите свои граѓани.

Таа истакна дека Фондацијата е долгогодишен партнер на државните институции и граѓанското општество, била активен чинител и давала придонес во важните општествени и реформски процеси, предводена пред сѐ од својата мисија за внатрешна интеграција на општеството како предуслов за интеграција на Македонија во Европската Унија. Имајќи ги предвид глобалните и европските стратешки приоритети на Фондациите Отворено општество, а заради придонес во демократскиот и економскиот развој, владеењето на правото, правичноста и еднаквоста и слободата на критичката мисла, Фондацијата, истакна таа, останува посветена на процесите за интеграција на државата во Европската Унија и поддршка на иницијативата „Отворен Балкан“; унапредување на концептот „Едно општество“ – еднакво за сите граѓани; заложбите за климатската правда и зелената транзиција; борбата против корупцијата; и на унапредувањето на економската и социјална правда. Исто така, таа потенцираше дека во претстојниот период Фондацијата останува посветена на зачувување на принципите на отвореното општество и ќе продолжи да ги поддржува процесите за унапредување на околината во која се развива и делува граѓанското општество, залагајќи се едновремено и за воспоставување на одржлив систем за државно финансирање.

На крај, на средбата извршната директорка на Фондацијата и Претседателот на Владата разговараа за приоритетите за остварување економска правда, преку спроведување системска трансформација, која ќе гарантира рамнотежа помеѓу индивидуалниот и колективниот интерес, при што беше подвлечена централната улога на јавните институции и политиките во регулирањето на економијата и управувањето со јавните добра за доброто на целото општеството, наместо за профит на неколкумина. Во овој контекст, визијата на Фондациите Отворено општество е насочена кон иднина во која економијата ќе ја унапреди благосостојбата на луѓето, преку поддршка на економски системи и политики кои градат рамноправни, одржливи и демократски општества.

—————————————————

3 февруари 2022