Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Мрежата за заштита од дискриминација во рамки на проектот „Здружена акција за унапредување на еднаквоста и социјалната правда на маргинализираните заедници“ а финансиски поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија, подготви Извештај од мониторингот на примената на Законот за социјална заштита во делот на социјалните услуги во периодот јуни 2019 – јуни 2021 година.

Обезбедувањето на квалитетни социјални услуги е од особена важност за ублажување на сиромаштијата и промовирање на самостојното и пристојно живеење на граѓаните. Република Северна Македонија е социјална држава, во која социјалната правда е издигната на ниво на темелна вредност на уставниот поредок, а на сите граѓани им се гарантира еднаквост во слободите и правата пред Уставот и законите. Социјалната држава ја коригира нееднаквоста, ги штити оние категории граѓани кои се во тешка материјална положба и промовира социјална правда.

Во 2019 година, со донесувањето на новиот Закон за социјална заштита, се даде законска основа за воспоставување нови услуги кои ќе им помогнат на одделни групи полесно да се информираат, интегрираат, ресоцијализираат и воопшто, поедноставно да функционираат во заедницата во која живеат. Примарната обврска за обезбедување на социјални услуги ја имаат центрите за социјални работи, но во овој процес е дадена можност за вклучување и на локалната самоуправа, здруженијата на граѓани, физички лица и приватниот сектор во обезбедувањето и давањето услуги во заедницата.

Социјалната заштита е област која бара постојано приспособување, како кон потребите на корисниците така и кон реалните можности на системот и на државата за спроведување на политиките.

Овој Извештај дава оценка на функционалноста на постојните услуги за социјална заштита, со осврт на спроведувањето на постојниот Закон за социјална заштита и функционалноста на центрите за социјална работа и другите даватели на социјални услуги. Извештајот се фокусира на три целни групи, и тоа Роми, жени жртви на насилство и лица со попреченост, токму поради нивната специфична положба во општеството. Поради специфичната положба во општеството на овие групи, тие секојдневно се соочуваат со дискриминација и неможност да се интегрираат во општеството и во голем дел се зависни од социјални трансфери.

Извештајот може да го преземете на следниот линк.

Во продолжение се клучните наоди, заклучоци и препораки претставени преку инфографици.

—————————————————

1 март 2022