Лоши услови за живот, големо ниво на корупција, недостиг од студентско организирање и само 61 денар за три оброци – доручек, ручек и вечерва. Ова е состојбата во државните студентски домови „Стив Наумов“, „Гоце Делчев“ и „Кузман Јосифовски – Питу“, кои функционираат под капата на Државниот студентски центар Скопје – ДСД Скопје.
Буџетот за овие домови годишно во просек изнесува 3,5 милиони евра. Но, само 15 отсто од овие средства се одвојуваат за храна во студентските мензи, додека за плати за вработените се одвојуваат 28 отсто. Покрај ова, 40 отсто од студентите забележале корупција во домот во кој престојувале, а 33 отсто самите ја искусиле, било преку добивање легла или одредени привилегии за време на престојот.
Ова се дел од заклучоците на две нови истражувања на Младинскиот образовен форум кои се фокусираат на квалитетот на живот и перцепцијата на студентите за корупција во домовите за периодот од 2014 до 2018 година. Тие денеска беа презентирани во Инфо клубот на Државниот студентски центар.
„Очигледно е дека овие 15 отсто што се одвојуваат од буџетот не се доволни за еден студент“, забележа Петар Барлаковски, истражувач и проектен асистент во МОФ. До податоците заедно со Мартина Илиевска дошле преку анализа на годишните финансиски извештаи на ДСД и склучените договори за јавни набавки.
„Овие 15% од вкупниот буџет можеби и би биле доволни за храна доколку буџетот би бил многу поголем, но со оваа сума не се исполнува дури ни основниот норматив. Според сите стандарди, во овој град, дневно за храна по лице би биле доволно минимум 100 денари. Студентите во домовите не добиваат ни две третини од оваа сума“, надополни тој.
Еден студент за сместување и храна месечно уплаќа 3410 денари на сметката на Државниот студентски центар. Според анкетираните станари, престојот во студентски дом е најевтина опција за разлика од приватното сместување. Но, за Барлаковски, и оваа сума е премногу во споредба со квалитетот на живот што домовите им го нудат на студентите.
„3410 денари за живеење во главниот град на државата каде што има три оброци и кров над глава, објективно не претставува голема сума. Но, услугите коишто се добиваат врз основа на тие пари, јас би рекол дека не заслужуваат ни нула денари. Доволно е само да ги погледнете условите во државните студентски домови, квалитетот на храната, обемот на храната и мислам дека тогаш ќе ни биде јасно дали воопшто вреди да се даваат пари. Но, поради финансиската неможност, голем број студенти кои не можат да си овозможат сместување надвор од студентските домови, нормално е дека ќе доаѓаат тука“, смета Барлаковски.
За скромните трпези на студентите зборува и податокот дека на годишно ниво Државниот студентски дом – Скопје купувал по 4 илјади килограми банани, што значи дека студентите добивале по само 1 банана во текот на месецот.
Барлаковски посочи дека лошите услови во домовите, како и општествените случувања придонеле за опаѓање на бројот на студенти сместени во студентските домови во Скопје за дури 21 отсто. Наспроти ова, во истиот период евидентиран е раст на бројот на вработени во домовите за околу 4 отсто.
Корупција има, но студентите не знаат каде да ја пријават
Кога станува збор за корупција во домовите, анализата покажува дека голем дел од студентите забележале или знаат за случај со корупција во домовите, но не ја пријавиле. Ова најмногу се должи на фактот што не знаат каде всушност можат да го направат тоа.
40 отсто од испитаниците велат дека забележале некакви дејства во домовите, а 33 отсто имале лично искуство преку добивање легло, или некаква привилегија во домот.
„Повеќе од 70 отсто не би учествувале во корупција и би им пречело да ја има, но 89 отсто не знаат каде да пријават дури и ако ја забележат“, посочи Јована Ѓорѓиовска, која заедно со Александра Живковиќ го истражуваа делот со студентското организирање и корупцијата, како и перцепцијата на студентите за условите во домовите.
Правните акти и документите кои ја уредуваат работата на домовите не нудат одредби за спречување на корупција или пак за покревање некаква постапка против некој што учествувал во таков случај, рече Ѓорѓиовска.
Самата управа на студентските домови забележала коруптивни дејства и во еден момент е формирана комисија за решавање на проблемот, но според Ѓорѓиовска, нема никакви информации што се сработило.
„3-“ за студентските домови
Државата располага со 11 студентски домови, од кои 50 отсто од вкупниот капацитет на леглата припаѓаат на Државниот студентски дом во Скопје. Просечната оценка за квалитет на живот во нив е 2.93, соопшти Ѓорѓиовска. Најмала оценка има „Кузман Јосифовски Питу“ со 2,5, а највисока има „Гоце Делчев“ со 3,79. Помеѓу е „Стив Наумов“ со оценка од 2,51.
„Дури и 3,79 ако го земете на скала од 1 до 5 е релативно ниска оценка и покажува многу за квалитетот на животниот стандард на студентите станари“, посочи Ѓорѓиовска.
„Главните причини за оваа воглавно ниска оценка се: лошите услови за живот, каде спаѓаат неквалитетни тоалети, кревети и храна, потоа недостиг од места за учење како библиотеки и читални, она за кое се дојдени во Скопје на студии и трето – недостиг на спортски и културни случувања и активности“, надополни таа.
Анализата на стратешките документи на домовите, пак, покажала дека постои свесност за проблемите, но нема критериуми кои мерат што е направено, ниту пак акциски план за тоа што треба да се постигне во иднина.
Во однос на студентското учество во донесувањето одлуки, најстрашен податок вели Ѓорѓиевска, е тоа што 92 отсто од испитаниците никогаш не учествувале во тој процес.
„Ова главно се должи на фактот што во последните неколку години воопшто нема формирани Совет на станари во домовите и било какви претставнички тела на студентите. Но, доколку се вратиме уште поназад, во периодот кога овие совети и тела постоеле, ние воопшто немаме никакви информации кои ни покажуваат што тие тела работеле и направиле“, посочи таа.
На прашањето зошто досега не се вклучиле во донесувањето одлуки, најчести одговори биле недостигот на време, неинформираноста за механизмите кои им стојат на располагање и неверувањето дека можат нешто да променат, објасни Ѓорѓиевска. Над 70 отсто одговориле дека не знаат кои се управните органи во домовите и нивните надлежности.
Повеќе средства и ингеренции за Државниот студентски центар
Според Барлаковски, неопходно е зголемување на средствата за студентските домови, особено во делот за исхраната и инфраструктурата. Но, потребно е да се формираат и претставнички тела кои ќе ги пренесуваат проблемите на студентите во домовите и да се поттикнува студентскиот активизам и нивното учество во културни, спортски и социјални случувања.
Според Ѓорѓиевска, пак, студентски стандард не е само студентите да имаат соба каде ќе преспијат и ќе имаат три оброци кои чинат 61 денар на ден, туку и просториии каде тие може да учат.
За Илиевска, Државниот студентски центар треба да добие поголеми ингеренции, но и поголема независност од Министерството за образование и наука, бидејќи главните инвестиции одат исклучиво преку министерството.
Овие истражувања се дел од проектот „Студентски домови без корупција“ на МОФ. Тие доаѓаат по трите акции спроведени во „Гоце Делчев“, „Кузман Јосифовски-Питу“ и „Стив Наумов“ во кои се реновираа дворовите, читалните и библиотеките.
Георги Божиновски
Емилија Петреска
Извор: Радио МОФ
—————————————————
5 август 2019