Фондацијата Отворено општество – Македонија и во услови на здравствена криза продолжува активно да дава поддршка, пред сè за маргинализираните групи граѓани. Во таа насока, ФООМ обезбеди донација во форма на пакети со хигиенски производи и суплементи за загрозените ромски семејства кои се социјално и економски директно засегнати од здравствената криза. Вкупната сума на донацијата изнесува 166.600 долари.
Во соработка со Црвениот Крст на Град Скопје, до крајот на годината ќе бидат поделени 2.188 хигиенски пакети и суплементи за 11.000 граѓани кои живеат во Шуто Оризари, Прилеп и прилепско, Тетово, Гостивар, Куманово, Делчево, Виница, село Црник – Пехчево, Злокуќани, Визбегово, Струмица, Битола, Велес, Крива Паланка, Кочани и Пробиштип.
За непречено одвивање на активноста, Црвениот крст на терен ќе соработува со граѓански организации кои се активни и препознаени во ромските заедници – Романо Чачипе, ИРИЗ, ЛИЛ, Скопје; Сонце, Тетово; Станица П.Е.Т., Прилеп; НРЦ – Куманово; НВО КХАМ, Делчево и ХОПС, Скопје. Им изразуваме благодарност за нивниот несебичен ангажман.
Ние во Фондацијата Отворено општество – Македонија сме посветени на градењето толерантно и инклузивно општество, отворено за учество на сите граѓани подеднакво. Поддршката и учеството на ромската заедница во подобрувањето на условите за пристап до образование, здравствени и правни услуги, но и за промена на перцепциите, ставовите и однесувањата кон Ромите останува наш фокус и понатаму.
—————————————————
10 декември 2020