Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Celebrate Life е создаден во 2011 година како платформа за дизајнирање на unisex облека и разни дизајнерски предмети и едукативни работилници веројатно во најтешките мигови на нашето општество. Покрај практичниот аспект, платформата има и филозофија зад себе – да се избегне мрачната и неподнослива состојба во секојдневието и да се потсетат луѓето на моментите кога танцуваат и ги слават убавите нешта.

Изложбата Celebrate Life / Емоции за еден град на дизајнерот Горан Костовски опфаќа илустрации кои што се цртани во периодот од 2014 до 2017 година. Секоја од нив засебно е карактер кој пренесува по некоја мисла за надеж и повторно оживување на самиот град, како и што претставува градот за луѓето и како тие би го подобриле во иднина.

Илустрациите се инспирирани од реални ситуации од секојдневието и го коментираат загадувањето на воздухот во Скопје со ПМ10 честички кои што во изминатите десет години е од два до четири и пол пати повисоко од граничните вредности пропишани од ЕУ за квалитет на воздухот. Загадениот воздух е токму темата која што ја обработува изложбата.

Изложбата беше поставена од 18-29 јануари 2019 година во галеријата Акантус во Дебар Маало. Проектот Емоции за еден град е финансиран од Фондација Отворено општество – Македонија

За авторот:

Горан Костовски - ind.o.g е арт директор, дизајнер и видео уметник роден 1983 година во Скопје. Свое дело првпат изложил во 1998 година, а оттогаш до денес учествувал во низа самостојни и групни презентации, како и видео перформанси. Изложувал во Скопје, Париз, Амстердам, Берлин, Цеље. Во 2016 година ја реализираше изложбата Емигрирани во слобода дел од Културните приказни на Европската комисија во Скопје. Во 2010 година беше одговорен за визуелизациите на гала-отворањето на јубилејното 50 издание на фестивалот "Охридско лето". Во 2007 година во галеријата "Точка", во рамки на фестивалот за урбани уметности "Kонструктор", ја имаше изложбата на графички дизајни и видеоарт насловена Human Communication. Во претходните години своите дела ги претстави и во Младинскиот културен центар, во Мала станица, а на фестивалот "Кока кола саундвејв" во 2005 година одржа перформанс со цртање во живо. Неговото творештво беше дел и од низа групни изложби во рамки на фестивали и проекти како "Родовод" (2007), "Армитраж" (2006) и New Planet 2006.

—————————————————

16 април 2019