Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Во Општина Шуто Оризари, 1.200 деца и 4.000 возрасни се оставени без основна здравствена заштита. По заминувањето во пензија на двајцата матични лекари од поликлиниката, граѓаните од Шуто Оризари се оставени без здравствена заштита повеќе од два месеци, Дополнително, постојните матични лекари во оваа општина се со исполнет лимит на пациенти и можат да прифатат само ограничен број нови, а по заминувањето во пензија на единствената лекарка која обезбедувала здравствена заштита за деца, во моментов регистрирани се само 250 деца, додека останатите, остануваат без правото на основна здравствена заштита. Воедно, дежурната служба во поликлиниката Шуто Оризари има недостиг на лекари поради што функционирањето е променливо, односно, некогаш има дежурна служба, но многу често дежурната амбуланта, не работи. И сето ова, сред пандемија.

Институциите ги игнорираат проблемите на граѓаните од Шуто Оризари. Здруженијата кои секојдневно работат на терен со жителите на општината апелираат за алармантната состојба веќе подолго време, а денес, 24 март, со цел да го привлечат вниманието на јавноста организираа и креативна акција преку која на Поликлиниката во Шуто оризари ѝ ја доделија првата светска награда за најлоша поликлиника.

Наградата, во голем формат беше поставена пред влезот на Поликлиниката Шуто Оризари со што здруженијата сакаа да го потенцираат фактот дека поликлиникта е здравствена установа која нуди услуги со исклучително низок квалитет и каде граѓаните едноставно не можат да го остварат своето право на здравствена заштита.

Како дел од акцијата, поттикнати од лошата состојба со здравството во Шуто оризари, здруженијата организираа пункт со златна рипка која исполнува желби, со надеж дека ако не институциите, тогаш барем златната рипка ќе им ги исполни желбите за основна здравствена заштита и пристап до квалитетни здравствени услуги.

Акцијата ја организира Здружението ИРИЗ – Иницијатива за развој и инклузија на заедниците од Скопје, Здружението за развој и унапредување на ромската заедница Романо Чачипе, Национален Ромски Центар и здружение за правна едукација и транспарентност СТАНИЦА П.Е.Т. Акцијата е поддржана од Фондацијата Отворено општество – Македонија.

—————————————————

24 март 2021