Блупринт групата за реформи во правосудството денеска одржа брифинг за новинари посветен на правните последици од процесот на лустрација, како и на процесот на поништување на лустрацијата.
Блупринт групата потенцираше дека правните последици од процесот на лустрација [1] сè уште остануваат во сила и не се преземени никакви мерки за рехабилитација на жртвите од лустрацијата.
Процесот за донесување на Законот за поништување на правните последици од лустрацијата во моментов е закочен во Собранието. Ставот на Блупринт групата е дека овој закон треба да биде донесен веднаш, односно пред Собранието на Република Северна Македонија да се распушти во пресрет на претстојните парламентарни избори.
Блупринт групата нагласува дека исто така треба да се вметнат одредби во законот за одговорност на членовите на Комисијата која ја спроведуваше лустрацијата и го повика Јавното обвинителство по службена должност да истражи дали постои основ на сомнение за кривична одговорност кај членовите на Комисијата за лустрација, имајќи предвид дека во периодот кога се спроведуваше лустрацијата во експретската јавност брануваа сомнежите дека процесот се користеше за политички реваншизам.
Блупринт групата најави дека и во наредниот период ќе продолжи будно да ги следи сите случувања во правосудството и ќе продолжи со имплементација на проектот „За правда – Следење на спроведувањето на Стратегијата за реформи во правосудството 2019 – 2020“, финансиски поддржан од Фондацијата Отворено општество-Македонија.
[1] http://all4fairtrials.org.mk/wp-content/uploads/2019/12/Pravni-posledici-od-procesot-na-lustracija.pdf
—————————————————
17 јануари 2020