Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Во време на активна и секојдневна борба со COVID-19, нашите вистински супер-херои и супер-хероини се всушност околу нас – здравствените работници, вработените во маркети, текстилните работници, полицијата, војската, пожарникарите. Сите оние кои се на своето работно место секојдневно, за ние да можеме да останеме дома и на тој начин да се заштитите и себеси и нашите семејства.

Нивната макотрпна работа во ова време – невреме, заслужува максимална поддршка од сите граѓани, на секој можен начин кој ќе им помогне и ќе им ја олесни работата. Затоа, Штип арт активисти, како локални активисти ја направија оваа акција со која укажуваат да се почитуваат препораките и мерките кои се донесени од страна на Министерството за здравство. Акцијата се однесува на мерките како што е растојанието кое треба да го одржуваме, правото на користење на годишен одмор и мерките кои треба да ги преземат работодавачите и превозниците за спречување на ширење на COVID-19.

Во оваа, како и во претходните акции на Штип арт активисти, ги искористија хероите на Марвел, познатите Хулк, Тор и Капетан Америка. Нивната цел е пред сè на недвосмислен и јасен визуелен начин да ги споредат граѓаните со холивудските супер-херои, и на тој начин да ги охрабрат да ги почитуваат мерките. Со оваа споредба тие сакаат да ги потсетат штипјани дека единствено со почитување на мерките сите можеме да сме супер-херои, да дадеме свој придонес, и на тој начин да искажеме благодарност до нашите здравствени работници, полицајците, пожарникарите, војниците, вработените во маркетите и текстилните работници/чки за нивната пожртвувана работа.

Уметничката активност ја помогна и здружението Гласен Текстилец, кое работи на унапредување на правата на текстилните работници/чки, кое овозможи во акцијата да е вклучена нивната хероина Супер Текстилка, за да се укаже на правата на вработените во големите хали. Текстилните работници/чки од Штип се оние кои во моментов ги изработуваат маските кои служат за превентива на сите граѓани, а со акцијата Штип арт активисти потсетија дека во овој период, тие се оние на кои им е најпотребна дополнителна заштита и превентивни мерки.

Акцијата е финансиски поддржана од Фондацијата Отворено општество – Македонија.

 

#ЗаштитиСе #СедиДома # ЗаштитиГиРаботничките #ИработничкитеСеСуперхероини #ПочитувајГиМерките #БидиОдговоренПревозник

—————————————————

16 април 2020