Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Здружението за еднакви права и можности „ЖЕНИТЕ ВО ЕКОНОМИЈАТА –Штип” е организација која активно работи на поддршка на проекти за жени како и поддршка на жени и нивна промоција на локално, регионално, национално и меѓународно ниво. Тие се посветени на зголемување на конкурентноста  на жените во економијата и на поддршка на повеќе различни системи на женско  претприемништво кои ќе придонесат кон развивање на свеста кај жените за нивната положба во општеството и кон создавање на рамноправни услови на пазарот на трудот.

Проектот „Биди храбра, проговори гласно!” кој е финансиски поддржан од ФООМ се фокусира на зајакнување на свеста на граѓаните од источниот регион, за постоењето на мобинг во приватниот и јавниот сектор и односот на системот кон истиот. Поспецифично, „ЖЕНИТЕ ВО ЕКОНОМИЈАТА –Штип” преку овој проект ќе се обидат да обезбедат унапредување на положбата на жените во општеството, преку запознавање на жените со податокот дека мобингот претставува дискриминација. Подигањето на свеста кај јавниот сектор за преземање на конкретни мерки за заштита при состојби на  мобинг и генералното зајакнување на свеста кај граѓаните за постоење на мобинг се исто важни компоненти на овој проект.

Граѓаните во источниот регион слушнале за мобинг и слушнале за жртви на мобинг, меѓутоа многу малку од нив знаат навистина што тоа значи и како да се однесуваат во таква ситуација. Мобингот како широко распространета појава има сериозни последици кои се одразуваат врз социјалното окружување, работната средина и врз поединците. Неопходно е проблемот да се разгледува од различни аспекти: психолошки, медицински, социолошки и правен аспект за да се предупреди на неговото значење и да се придонесе за неговото навремено препознавање. За жал, луѓето, честопати, не се свесни дека им се врши мобинг и потребно им е долго време да сфатат дека се соочуваат со едно целосно ирационално и неправедно однесување на работното место. Затоа, за да може успешно да се справува со оваа појава, која зема сé поголем замав и кај нас, мора да се научи кои се нејзините основни обележја.

Проектот „Биди храбра, проговори гласно!” предвидува обработка на темата мобинг, и тоа пред сè преку истражување со кое ќе утврди бројот на жртви на мобинг во источниот регион од средината на 2016 година, до денес. Воедно, преку комуникација со судската власт, ќе се утврди колку од жртвите на мобинг имале позитивна пресуда. Предвидени се и интервјуа со жртви на мобинг, како и информативни видеа, а со сите овие активности проектот ќе се обиде да ја запознае јавноста со состојбата врзана со мобинг на работно место која е навистина алармантна. Мобинг на работното место може да му се случи на секој и на секој му е потребна поддршка во таква ситуација, а институциите треба да се посензитивни кон вработените и нивните права.

Активностите на проектот ќе понудат родова перспектива на проблемот со мобинг што претставува важен чекор во насока на унапредување на родовата еднаквост, посебно во однос на обезбедување еднакви можности и недискриминација на жената на работното место. Проектот меѓу другото ќе се обиде да ја утврди фактичката положба на жената на работното место и преку со спроведено истражување ќе обезбеди првични податоци за психичко вознемирување (мобинг) и сексуално вознемирување на жените на работното место, со акцент на жените од источниот регион.

Крајната цел е граѓаните, особено жените, да станат свесни и да ги препознаат формите и облиците во кои може да се појави мобингот, да се запознаат со начините на кои можат да се заштитат, но и да знаат кои сè дејствија можат да ги преземат доколку им се случува мобинг.

„Биди храбра, проговори гласно!” е еден од 15-те проекти на граѓански организации целосно поддржани од ФООМ за спроведување активности кои ќе придонесат за подобро разбирање на процесот на пристапување на Република Северна Македонија во Европската Унија.

 

За повеќе информации за работа на здружението „ЖЕНИТЕ ВО ЕКОНОМИЈАТА-Штип“ како и за активностите од проектот, следете ги на нивната фејсбук страница.

—————————————————

5 мај 2020