Предизвиците за отвореното општество кои пред нас ги постави епидемијата со COVID-19 бараат агилност, брза реакција и флексибилност. Препознавајќи ја итноста на ситуацијата, во услови на намалена финансиска поддршка за граѓанското општество, Фондацијата Отворено општество – Македонија продолжува посветено да работи на негов развој и поддршка.
Согласно нашата долгогодишна заложба за развој на граѓанското општество и зајакнување на локалните заедници, грант-шемата од 55.000 долари ФООМ ја обезбеди во рамки на концептот Партнерства во заедниците за унапредување на локалната демократија. Целта на оваа поддршка е да се овозможат услови за работа во време на криза на граѓанските организации кои се клучен сегмент во едно демократско општество, а кои се погодени од вонредната состојба, како и останатите сегменти од општеството.
Грант-шемата вклучува и ќе обезбеди поддршка за:
- Активности кои ги надгледуваат политиките на локалните власти, презентираат нови податоци во јавност, ги прошируваат постоечките извори на податоци или додаваат нови, ги подобруваат корисноста и интерактивноста на податоците преку зголемување на нивната видливост, разбирливост и достапност за граѓаните и за креаторите на политиките.
- Активности за застапување за подобрување на јавните политики кои ќе обезбедат ефикасно комуницирање на анализите и извештаите со засегнатите страни, и успешно ќе ги мобилизираат граѓаните во јавните процеси за промена на политики и практики преку натамошно користење на податоците.
- Иновативни и креативни активности кои ги промовираат вредностите на отвореното општество, покажуваат посветеност кон активно вклучување на граѓаните и имаат потенцијал за постигнување видливо влијание, како и добро осмислени комуникациски стратегии.
- Активности кои промовираат интегративен пристап со фокус на заедниците, родот и лицата со посебни потреби.
Финансиска поддршка добија организациите: Регионално географско друштво ГЕОСФЕРА – Битола, Сојуз на здруженија за рурален развој Мрежа на ЛАГови, с. Кривогаштани, Фондација за развој на локалната заедница, Штип, Медиа плус, Штип, Здружение Мултикултура – Тетово, и Националниот ромски центар.
Ние во Фондацијата Отворено општество – Македонија остануваме посветени на развојот на граѓанското општество и на заложбата за активно учество на граѓаните во општеството – во креирањето на политики и практики кои ќе овозможат слободно, демократско, мултикултурно и мултиетничко општество во кое има место за сите.
—————————————————
13 мај 2020