На 18 мај 2021, се одржа настанот по повод одбележувањето на 30-годишнината од постоењето и работата на Фондациите Отворено Општество (ФОО) на Балканот, кој се осврна конкретно на присуството и активностите на ФОО во Северна Македонија, а е дел од настаните во рамки на одбележувањето на 30-годишниот јубилеј.
Одбележувањето на 30-годишниот јубилеј е тридецениска перспектива (1991–2021) на постоењето и работата на Фондациите Отворено општество (ФОО) на Балканот. Ги разгледува уникатните напори на филантропот Џорџ Сорос, неговите идеи и филозофија за отвореното општество, кои успеаја да опстојат низ бурните времиња од неодамнешната историја на регионот, и како идејата, всадена во регионот пред три децении, е сѐ уште главен двигател во борбата за слобода на изразувањето, отвореноста на општествата и за општества кои промовираат правда и еднаквост.
Од 22-ри април до 17-ти јуни 2021 година, одбележувањето на 30-годишниот јубилеј патува виртуелно низ Балканот – од еден во друг главен град како дел оваа единствена tour de table виртуелна моментум турнеја, а на 18 мај беше на станицата во Скопје, Северна Македонија и ја посети Фондацијата Отворено општество Македонија.
Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) е основана во 1992 година, една година по прогласувањето на независноста на државата, и оттогаш е посветена на промовирање на вредностите на отвореното општество. За време на тридецениските премрежија и кризи низ кои поминува државата, ФООМ обезбедува постојана поддршка за Северна Македонија и нејзините граѓани и на тој начин придонесува за развој на целото општество. Фондацијата ги промовира владеењето на правото и доброто управување, борбата против корупцијата, развојот на граѓанското општество, слободата на изразување и медиумите, човековите права, младинската ангажираност, интеграцијата на Ромите, здравствените права и образованието на маргинализираните, и со тоа придонесува за создавање на поправедно општество за сите.
На настанот беше прикажан најпрво краткиот документарен филм „30 години ПОСВЕТЕНИ“ со што се осврнавме на минатиот труд на Фондацијата Отворено општество – Македонија. Документарниот филм содржи многу испреплетени приказни раскажани од луѓето кои беа сведоци и учесници во клучните настани во земјата од основањето на Фондацијата Отворено Општество – Македонија, до денес. Приказните нѐ поведоа на едно емотивно патување низ сите предизвици, кризи, решенија и успеси, но и лични судбини кои ја оформија Фондацијата како двигател на промени кон подобро.
Краткиот документарен филм можете да го погледнете тука:
По завршувањето на документарецот, ја проследивме дебатата „Пост-КОВИД-19 реалност: Кој е патот до поправедно општество?“, која даде поглед кон иднината. Докажани млади луѓе го споделија своето мислење за иднината на Северна Македонија и понудија различни перспективи за можни одржливи стратегии за квалитативна трансформација кон подобро и поправедно општество.
Панелисти во дебатата беа: Дона Костуранова, програмска менаџерка, Фондација за демократија на Вестминстер; Марија Сулејманова, програмска менаџерка, Институт за истражување и анализа на политики Ромалитико; Харис Бабачиќ, магистер по епидемиологија и докторанд-истражувач на Институтот Каролинска во Стокхолм, Шведска; Елида Зулбеари, новинарка, главна и одговорна уредничка на Portalb.mk; и Виктор Митевски, претседател на Здружението за истражување и анализи ЗМАИ, а дебатата ја модерираше Огнен Јанески, новинар.
Целосниот настан можете да го погледнете ТУКА.
—————————————————
19 мај 2021