Застапување сериозни наводи без докази, темелно „чешлање“ за докази по апсења и продолжен притвор станаа стандардни практики.
11 октомври 2019 година, ИСТАНБУЛ — Веќе две години сум во затвор во Турција. Во четвртокот бев изведен пред суд во Истанбул за трето сослушување. Но, судот одби да го укине мојот притвор.
Јас сум бизнисмен и филантроп. На 17 октомври 2017 година се враќав дома во Истанбул од Газијантеп, град во југоисточниот дел на Турција каде се сместени стотици илјади бегалци од Сирија. Таму бев да зборувам со општинските функционери за културен проект кој вклучува сириски бегалци кои се уметници.
Бев приведен на аеродромот во Истанбул. Мислев дека станува збор за грешка и очекував да бидам ослободен по давањето на мојот исказ. По две недели поминати во мала ќелија заедно со други притвореници бев однесен на распит во централната полициска станица. Веднаш потоа бев уапсен. Оттогаш сум во затвор.
Со години водам сопствен бизнис, но и учествувам и поддржувам различни проекти на граѓанското општество, вклучително и проекти кои се однесуваат на курдското и ермениското малцинство во земјата, што се сметаше за табу тема. Мојата работа привлече непријателски однос од одредени групи, но претходно немав никакви правни проблеми.
Мојата соработка со владини институции на неколку културни проекти продолжи и за време на владата предводена од Партијата на правдата и развојот (АКП), која е на власт од 2002 година. Тоа ми овозможи да бидам оптимист за иднината на Турција и да ја задржам довербата како граѓанин и покрај назадувањето на демократијата и индивидуалните слободи.
Сепак, она што го доживеав во притвор беше шокантно и вознемирувачко. Во затвор поминав 16 месеци пред да ја дознаам основата за бизарните обвиненија против мене.
Во фантастичниот обвинителен акт се дадени наводи дека протестите во паркот Гези, кои почнаа против градежен проект во паркот Гези во Истанбул и се проширија низ цела Турција со учество на околу три милиони луѓе, биле испланирани и финансирани од Џорџ Сорос со цел да ја сруши турската влада. Јас сум обвинет како национален организатор на оваа завера. Во обвинението се бара доживотна казна затвор за мене и за други 15 припадници на граѓанското општество кои се обвинети дека биле дел од тајна организација што ја водам јас.
Во мај, на мое големо разочарување, повеќето судии од Уставниот суд на Турција донесоа одлука дека мојот притвор не го повредува правото на слобода. (Претседателот на судот и четири други судии не се согласија со одлуката).
Обвинителот ги објаснуваше наводите распослани на 657 страници од обвинителниот акт само врз основа на неговото мислење дека г-н Сорос бил клучен играч зад масовните револуции во различни земји.
Претседателот Реџеп Таип Ердоган придонесе за ваквата ситуација со изјавата дадена по моето притворање: „Човекот кој ги финансираше терористите за време на протестите во паркот Гези сега е зад решетки. А кој стои зад него? Познатиот унгарски Евреин Џорџ Сорос. Тој е човекот задолжен да ги подели и да ги уништи нациите; тој има толку многу пари, а ги троши на ваков начин.“
Г-н Сорос не е вклучен како осомничен во случајот. Се чини дека јас бев избран да добијам улога во овој наратив бидејќи сум бил член на одборот на Фондацијата Отворено општество во Турција и поради мојата отворена – но не и финансиска – поддршка на кампањата за заштита на паркот Гези. Мојата вклученост во граѓански иницијативи околу прашањата за Курдите и Ерменците, како и оцрнувачката кампања против мене во одредени медиуми, можеби го олеснија ваквото врамување на мојата инволвираност.
Мојата канцеларија е во непосредна близина на паркот Гези, а поради моите симпатии кон барањата за заштита на паркот, јас често одев таму за време на протестите. Голем број млади луѓе што беа таму немаа никакви врски со која било политичка организација. Таму беа поради силното чувство на правда и солидарност. Јас бев вистински импресиониран од нивната енергија, хумор и оптимизам. Наводите дека овие млади луѓе биле мобилизирани преку таен план е навреда не само за нивниот интелект, туку и за сите кои можат објективно да ги гледаат настаните.
Политичкото расположение во Турција за време на протестите за паркот Гези беше различно од она денес. Претседателот Абдула Ѓул и некои членови на владата се залагаа за дијалог со протестантите и да се слушнат нивните барања. Г-н Ердоган, кој во тоа време беше премиер, се сретна со две различни групи кои беа активни во протестите. (Тој сакаше да продолжи со градежниот проект, кој подоцна беше стопиран со судска наредба.)
Голема промена во ставот на владата кон протестите за паркот Гези, како и во вестите и мислењата што ги покриваа медиумите блиски до г-н Ердоган, настана по обидот за државен удар во јули 2016 година, инициран од ѓуленистички офицери во турската армија, инаку следбеници на матниот верски лидер Фетула Ѓулен, кој живее во Пенсилванија.
Сметам дека таквата промена е поврзана со силното убедување дека обидот за државен удар беше поддржан од странски сили, посебно од ЦИА. Идентификувањето на Џорџ Сорос како отелотворение на империјалните намери на САД и главниот идеолог на протестите е погодно – и не влијае врз односите меѓу г-н Ердоган и претседателот Трамп.
По обидот за државен удар во 2016 година беше прогласена вонредна состојба која ги суспендираше сите темелни уставни права. На судството му беше доверена мисијата да ги идентификува и да ги казни не само оние кои го планираа и го изведоа ударот, туку речиси сите лица кои се поврзани со ѓуленистичкото движење, вклучително и оние кои немаа никакво знаење за неговите тајни криминални активности.
Презентирањето сериозни наводи без да се бараат конкретни докази, темелното „чешлање“ за докази по апсења и продолженото времетраење на притворот станаа стандардни практики во турското судство.
Се разбира, и во годините пред државниот удар кога ѓуленистите беа во добри односи со власта и беа застапени во полицијата и во судството постоеја сериозни манипулации во правните постапки, вклучувајќи и произведување лажни докази.
Таквите незаконски практики беа откриени подоцна, но лекциите од нив беа игнорирани. На судството му беше доверена нова политичка мисија откако државниот удар ја попречи заштитата на личните слободи; стравот од несупех да се казнат виновниците стана неговата примарна движечка сила.
Кон крајот на минатата година, турскиот министер за правда, Абдуламит Ѓул, изјави дека прекумерната употреба на притвор во претходна постапка и пролонгираните истраги го нарушиле легитимитетот на судската власт. Неодамна, до Парламентот беше поднесен реформски пакет од кој се очекува да ги подобри работите.
За тековните повреди на човековите права не треба да се обвинуваат турските закони. Проблемот лежи во толкувањето на тие закони од страна на обвинителите и судиите, посебно од младите носители на функции кои повеќе се потпираат на политичките пораки и сигнали отколку на правните норми.
Независноста на судството ја попречуваат и одредени практики кои неодамна станаа вообичаени. На пример, Советот на судии и обвинители со кој претседава министерот за правда многу често ги прераспределува судиите во различни судови, понекогаш и во други градови. Во мојот случај, главниот судија беше три пати сменет во период од три месеци.
Тоа не им ја олеснува работата на судиите за тие да се чувствуваат удобно кога донесуваат одлуки кои можеби не ги исполнуваат очекувањата на политичарите на власт. За да биде ефикасна, судската реформа во Турција треба да воведе вистински институционални мерки за да ја обезбеди независноста на судството и да го ослободи од исполнувањето на политичката мисија.
Мојата затворска самица далеку од гужвата на мобилните телефони и е-мејловите е добро место за читање, пишување и размислување. Сонувам за нови проекти на кои ќе работам со моите колеги од Анадолска култура, нашата организација, која се обидува да промовира взаемно разбирање и мирен соживот.
Моето кафканско искуство од последните две години ме научи повеќе да ја ценам важноста на независно судство кое функционира во целосна согласност со универзалните норми на правдата.
Извор: The New York Times
—————————————————
16 октомври 2019