Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Дали заробените институции и украдените јавни простори се доволен поттик за да се создаде креативен отпор и протест? Кои се границите на соработка на независниот културен граѓански сектор со власта и дали при таквите соработки постои опасност од губење на критичноста? Ова се мал дел од прашањата на кои културни работници, граѓански активисти и експерти се обидоа да дадат одговор и свое видување на првиот ден од панел дискусиите „Неискористената моќ на уметноста и културата за општествени промени“.

Панел дискусиите, кои почнаа вчера (16 мај) и се одржуваат и денеска, на едно место ги собраа луѓето кои активно работат на полето на културата, но и оние кои преку културниот активизам се борат да внесат промени во општеството. Тие дискутираа за можностите на културните и уметничките активности да влијаат врз општествените текови и случувања, да поттикнат граѓански акции и да бидат критичари на власта кога тоа е неопходно. Дел од учесниците се осврнаа на формите преку кои уметниците и активистите може да се спротивстават на комерцијализацијата и обезвреднувањето на социо-културните и уметничките практики. Овие панел дискусии ги организира Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) во рамките на програмата за одбележување на 25-годишнината од почетокот со работа на Фондацијата во земјава.

Зборувајќи за уметничкиот активизам денес и за тоа како креативноста може да влијае на моќта, членката на управниот одбор на ФООМ и активистка Мерита Максути, истакна дека ФООМ во изминатите 25 години одигра исклучително важна улога во промовирање и поттикнување на општествената одговорност работејќи на фронтот на културата, човековите права и социјалните промени, како фундамент за функционално општество.

– Ние пред извесно време излеговме од еден период каде гласот на креативниот отпор, реакција или протест беше потиснат, а просторот за делување екстремно намален. Ние сите носиме општествена одговорност и секој од нас има различен капацитет за конфронтација со неправдите и тоа што треба да се промени во општеството, а особено ќе ставам акцент на уметниците, активистите и креативната маса на општеството. Искрено се надевам дека нашиот капацитет нема да се намали само со промената која настана во нашето општество – рече Максути.

На истата тема со Максути своите видувања ги изложија и Никола Гелевски од издавачката куќа „Темплум“; Славчо Димитров од коалицијата „Маргини“; претставничките на активистичката група „Хавеит“ од Приштина, Хана Квена и Алкета Силај и Бесфорт Идризи од Детскиот театарски центар во Скопје.

За уметничкиот активизам говореа и Стив Ламбер, концептуален уметник и придружен професор за нови медиуми од САД; професорот Небојша Вилиќ од Факултетот за драмски уметности во Скопје; Оливер Реслер, уметник и филмски работник од Австрија и уметницата Христина Ивановска.

Настанот продолжува денеска со две работилници. Едната е на активистичката група „Хавеит“ од Косово,  a другата со концептуалниот уметник Стив Ламберт од САД.

—————————————————

28 мај 2019