Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Признавајќи дека младите не се само целна група, туку и суштински чинител во градењето демократско општество, Младинската програма е еден од приоритетите на Фондацијата од нејзиното основање до денес. Речиси 4 милиони долари беа потрошени на различни активности со младите кои имаат за цел (1) да поддржат мали младински иницијативи и да промовираат социјална интеграција на младите; (2) да поддржат неформални образовни активности и учење од врсници меѓу младите; и (3) да иницираат и да поддржат процес на креирање и учество во младинските политики.

Поддршка за младински весници, списанија, иницирање состаноци и учество на младите на различни конференции во земјата и во странство, како и поддршката за размена на средношколци во САД и во Обединетото Кралство беа меѓу првите активности. Развојот на Младинската програма го постигна својот врв со отпочнувањето на дебатните програми и обуките за аргументирано ораторство, како и организацијата на дебатни натпревари. Програмата за дебата и учиме право беше особено успешна меѓу младите бидејќи подразбираше образовни активности меѓу врсници (младите за младите). Дебатните активности понудија активен дијалог меѓу младите на теми кои се интересни за младите и кои често се занемарени во формалниот образовен систем. Од друга страна, програмата „Учиме право“ се покажа како успешна за иницирање младински граѓански акции преку промоција на правата на младите и граѓанско образование, што беше од суштинско значење во Македонија во транзициските години. ФООМ иницираше и поддржа формирање и поддршка за младински центри во многу градови ширум земјата и организација на младински кампови на различни теми кои ги собраа на едно место младите од различно етничко, социјално и економско потекло од целата земја.

Во 2000 година, Младинскиот фонд за Југоисточна Европа имаше за цел да додели грантови на младински организации и беше отворен за невладини организации од земјите во Југоисточна Европа. Во период од 3 години беа поддржани вкупно 82 проекти за млади во Македонија, во вкупен износ од речиси 500.000 долари. Финансирањето и интересот на другите донатори укажа на тоа дека потребите и предизвиците на младите се повеќеслојни и дека непостоењето официјална младинска политика го отежнува подигнувањето на ова прашање на ссодветно ниво во владината агенда. Сите активности на ФООМ, како и наодите од анкетата за потребите на младите, отворија широк опсег на работа за иницирање подготовка на Национална стратегија за млади на РМ. ФООМ потпиша договор за соработка со Агенцијата за млади и спорт на Република Македонија, и заедно со претставници од другите донатори во Македонија (Институтот за трајни заедници, УНИЦЕФ, Балканската фондација за деца и млади, Европската агенција за реконструкција), како и со претставници од младинските НВОи организираше три младински форуми во чиишто рамки учесници од речиси 80 НВОи ги утврдија целите кои подоцна беа вградени во Националната стратегија за млади на РМ, која беше ставена во владина постапка за усвојување од страна на Собранието во 2005 година. Со цел да им помогне на вработените во агенцијата да ги зајакнат своите капацитети и да ја подобри соработката меѓу претставниците од НВОи, локалните власти и различните министерства, ФООМ организираше пакет обуки за креирање локални младински политики, главно фокусирани на теми за европските практики за млади и за финансирање.

Во периодот 2006-2007 година, ФООМ беше партнер во иницијативата „Млади во акција: Финансиска и техничка помош за младински НВОи за проекти базирани во заедницата“, која поддржа активно учество на младите за негување конкретни промени на јавните политики во македонското општество. Три компоненти обезбедија градење капацитети и финансиска поддршка за младински НВОи насочени кон креирање младински политики, промоција на учеството на младите и зајакнување на соработката со локалните власти и со други засегнати страни. Овој проект беше кофинансиран од програмата за мали грантови на Светската банка и од Балканскиот труст за демократија.

ФООМ го поддржа формирањето и активностите на Младинскиот образовен форум (МОФ), една од водечките граѓански организации кои, преку неформално образование, младински иницијативи, застапување за средношколци и студенти, истражувања, анализи и уметност, придонесува младите активно да се вклучат во развојот на демократско општество. Освен тоа, МОФ иницираше формирање на Националниот младински совет – мрежа од 49 младински организации која се застапува за интересите и правата на младите.

—————————————————

23 септември 2019