Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Поддршка на институциите и на самиот процес на реформа на јавната администрација, создавање на ефикасна, транспарентна и отчетна администрација, како и ефикасно спроведување на процесот на децентрализација во Република Македонија беше основната цел на Програмата на ФООМ за реформа на јавната администрација и локалната самоуправа.

Во периодот 2001–2007 година ФООМ обезбеди институционална поддршка на Агенцијата за државни службеници и Генералниот Секретаријат при Владата на Република Македонија во износ од 340.000 долари за јакнење на капацитетите за донесување политики на централно ниво и на процесот на нивна имплементација. За обуки, стипендии и стручно усовршување во РМ и во државите-членки на ЕУ, за државните службеници ФООМ обезбеди дополнителна поддршка во износ од 396.000 долари. Како дополнување на самиот процес беа подготвени: „Прирачник за полагање стручен и приправнички испит за државните службеници“, „Етички кодекс за државните службеници“, како и „Прирачник за проценка на потребите и обуки на државните службеници“.

Како клучен приоритет во овој процес на ФООМ и понатаму останува јакнењето на влијанието на граѓанското општество во креирањето на јавните политики и во процесот на донесување одлуки за подобрување на реформите во јавната администрација како поддршка во процесот на пристапување на РМ во ЕУ.

Во периодот 1999–2016 година, за поддршка на единиците на локалната самоуправа и јакнење на капацитетите на локално ниво ФООМ има издвоено над 2 милиони долари. Поддршка имаат добиено 27 општини: Кичево, Шуто Оризари, Куманово, Тетово, Гостивар, Струга, Дебар, Липково, Долна Бањица, Маврови Анови, Охрид, Битола, Штип, Кавадарци, Гевгелија, Боговиње, Карбинци, Делчево, Чучер-Сандево, Пехчево, Пробиштип, Ѓорче Петров, Карпош, Центар, Крива Паланка, Крушево и Прилеп.

Од овие 2 милиони долари, 765.000 беа издвоени за воспоставување на најповолен модел на македонска општина, а 346.000 долари за обуки и развој на капацитетите на локално ниво.

За мониторинг на процесот на децентрализација во РМ беа обезбедени 494.000 долари, како и дополнителни 65.000 долари за поддршка на имплементацијата на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер на локално ниво.

За институционална поддршка на општините и на Заедницата на единици на локална самоуправа (ЗЕЛС) беа обезбедени 65.000 долари.

Преку концептот „Општина по мерка на граѓаните“, имплементиран во општините Струга, Струмица и Центар, ФООМ има доделено грантовска поддршка од 170.000 долари за реновирање на едно училиште и три детски градинки на локално ниво.

Исто така, овој концепт овозможи градење на капацитетите на општинската администрација и на претставници од општинските совети за стратешко планирање, партиципативно креирање политики, развој на комуникациски стратегии и финансирање преку програмите на ЕУ достапни за РМ.

Беа формирани и три Центри на заедницата кои обезбедија директни услуги за граѓаните на локално ниво, вклучувајќи неформално образование за млади и возрасни, како и правна и административна помош за граѓаните кои имаат потреба од ваква помош за соодветно остварување на нивните граѓански права и обврски.

Учествувајќи во спроведување на програмата „Форуми во заедницата“ на СДЦ (2006-2014 год.), ФООМ го поддржа партиципативниот развој на заедниците на локално ниво во 17 општини. Во партнерство со општините во кои се спроведуваше програмата беше овозможено реализирање на проекти за подобрување на животот на граѓаните. Вкупниот буџет доделен од СДЦ изнесуваше 1.878.497 евра.

—————————————————

16 мај 2019