Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Во текот на 1997-2000 година, со трипартитен договор меѓу Министерството за образование, Канцеларијата на Светската банка и ФООМ, а со цел да се унапреди издавањето учебници, да се зголемат капацитетите на приватните издавачи и да се развие пазарот за учебници и наставни помагала, во соработка со министерството и регионалната програма за издаваштво на ИОО, со учество на преку 20 независни издавачи беше развиен пилот систем за набавка и поддршка на продукцијата на учебници. Издавачите, преку серија обуки и техничка помош од странски консултанти, имаа прилика да се запознаат со современите стандарди за продукција на учебници, наставни материјали и помагала. Иако министерството не успеа да ја направи очекуваната промена на системот за набавка на учебници и сè уште ја контролира продукцијата, сепак неколку издавачи, учесници во програмата, ја дополнија својата дејност и успешно се профилираа како издавачи и на учебници.

Откако во 2000 година ФООМ додели грантови и овозможи превод на 10 од најзначајните наслови напишани на класичните јазици, во текот на 2004 година, преку заедничка комисија со Министерството за култура, беше овозможено десетина издавачи да го реализираат преводот и издавањето на дополнителни наслови од класичната и современата хуманистика.

Промовирањето на идејата и дебата за отворено општество, од својот почеток до 2016 година, ФООМ го реализираше и преку поддршка на разновидни проекти на независни мали некомерцијални издавачи и лица издавачи. Со грантови за превод, подготовка и печатење беа поддржани преку 400 издавачки проекти од областа на хуманистиката и литература од домашни и од странски автори. Значителен број од проектите овозможија издавање и промовирање на творештвото и издаваштвото на албански, турски, ромски, влашки јазик. Во првата декада на постоењето, издавањето на неопходните речници за превод од и на албански, ромски, руски, старогрчки и англиски јазик беа поддржани со покривање на трошоците за печатење и преку откуп на одредена количина примероци. Беа поддржани дваесетина монографски изданија од историска, културна и уметничка важност за мултикултурниот карактер на државата. Од основањето до 2005 година, преку поддршката за печатени и електронски изданија, ФООМ даде придонес во размената на информации, промоцијата на нови идеи и творештво, што беше овозможено за приближно 100 списанија, интернет страници и проекти. Овен тоа, беа организирани повеќе од 20 настани, фестивали, конференции и обуки од областа издаваштво и 29 индивидуални и 8 групни патувања за здруженија и индивидуални писатели, уредници, новинари, истражувачи и членови на професионални здруженија, за да ги промовираат своите дилеми и успеси, но и да стекнат нови информации и знаења заради унапредување на нивната дејност и заради промоција на културните специфики на секоја од заедниците во Македонија, но и мултикултурниот аспект на земјата и богатото културно-историско наследство.

Покрај тоа што иницираше преводи од класичните јазици и што овозможи пополнување на дупката во однос на најзначајните современи хуманистички текстови на македонски јазик во текот на 90-те година, ФООМ одигра клучна улога во развојот на издаваштвото во Македонија со тоа што иницираше преведување и издавање на преку 30 наслови издадени од CEU Press. Создавањето на домашна мултикултурна редакција на реномираното меѓународно книжевно списание „Ла Летре Интеранционал“ и неговото излегување на македонската јавност ѝ овозможи пристап до современата мисла и теории, но и можност за промоција на македонската мисла. Истовремено, за да промовира култура на читање, јавна дебата и да поттикне промоција на културата на поединечните заедници, да ја промовира идејата за праведно и демократско општество, во соработка со локални издавачи ФООМ опреми со книги и изданија, компјутери и пристап до Интернет за 6 клубови за отворено општество, од кои 4 беа распоредени во центрите на поголемите региони. Првата наменска кредитна линија за издавачи во Македонија, креирана во соработка со регионалната програма за издаваштво на ИОО претставуваше значителен придонес за осамостојувањето и одржливоста на малите независни издавачи. ФООМ одигра клучна улога во промоцијата и поддршката на електронското издаваштво, со што се најави и значителното намалување на наменски средства за класично издаваштво. По конфликтот од 2001 година, во текот на последната декада од 2006 до 2016 година, ФООМ се фокусираше на реализација на свои проекти каде преводот и издавањето наслови беа во функција на иницирање и овозможување аргументирана дебата за нерасчистени историски и идентитетски прашања важни за Македонија, различни стојалишта околу природата на конфликтот од 2001 година и за предизвиците на современите демократски теории и пракси. Проектот „Отпретани сведоштва“ имаше за цел да обезбеди алтернативна страна на историјата во јавноста, за секојдневниот живот на војниците и цивилите од регионот на Кратово и Пробиштип за време на Првата светска војна (1914-1918 година), при што ФООМ ги откупи оригиналните писма и други документи на поединци мобилизирани и чувани како затвореници во Австро-унгарските воени кампови. Во период од 3 години, материјалите беа обработувани од страна на историчари, беа организирани изложби на писмата, по што следуваше објавување на книга како придонес за овој недоволно истражен и занемарен дел од нашата историја. Во рамки на проектот „Историја и апокрифи – демитологизација на 2001 година“ беше направена хронологија на настаните и библиографија на кризите, заедно со превод на 10 книги и релевантни написи од албански и англиски јазик на македонски и/или албански. Објавувањето на овие книги овозможи организација на досега единствената конференција на оваа тема, како платформа за јавна дебата на причините, различните позиции и политиката зад вооружениот конфликт од 2001 година. Преку проектот „Книги за дебатата за отворено општество“, во соработка со селектирани издавачи и како самостојни изданија, повеќе од 25 наслови беа преведени на македонски и публикувани.

За спроведување на овие активности беа потрошени средства во вкупен износ од 4.443.665 долари.

—————————————————

23 септември 2019