Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Правната програма на ФООМ е посветена на унапредување на владеењето на правото и почитувањето на човековите права, преку поддржување на реформите на правниот систем во Република Македонија и партиципативно креирање на политиките. Нашиот фокус беше насочен кон остварување на следниве цели: (1) обезбедување транспарентност и отчетност преку зголемување на пристапот до информации од јавен карактер; (2) транспарентен процес на приближување на домашното законодавство кон законодавството на ЕУ; (3) подобрување на заштитата на човековите права.

Можноста граѓаните слободно да бараат и да добиваат информации за работењето на институциите е од суштинско значење за демократијата. Поради тоа, во континуитет од 10 години (од 2004 до 2013 год.), Фондацијата стратешки ги насочуваше своите ресурси за унапредување на правото за слободен пристап до информации. Свесни за потребата од постоење на законски утврдена постапка за остварување на ова право, ФООМ покрена иницијатива и го координираше застапувањето на граѓанскиот сектор во државата за донесување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. ФООМ и тематската програма „Иницијатива за човекови права“ на Фондациите Отворено општество инвестираа 613 илјади долари за 10 години со цел партиципативно креирање и донесување на Законот за слободен пристап по меѓународни стандарди. Значајни напори беа вложени за воспоставување независна Комисија за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер и за градење на нејзините капацитети. Во сите изминати години Фондацијата обезбедуваше бесплатна правна помош за сите чие право на пристап беше одбиено од институциите. Исто така, единствено ФООМ спроведе две истражувања на национално ниво за перцепцијата на граѓаните и нивната запознаеност со правото на слободен пристап до информации, како и идентификување на проблемите со кои се соочуваат институциите при спроведувањето на пристапот до информации. Целокупната развиена пракса со повеќе од 4.500 случаи ја објавивме на www.spinfo.org.mk.

Заложбите на ФООМ за подобрување на пристапот до правда на сиромашните и маргинализираните лица се долгогодишни и сеопфатни. За да утврдиме кои се најпотребните интервенции, го поддржавме единственото национално истражување кое ги лоцираше правните потреби на лицата во Македонија. Истражувањето ни покажа дека секое второ полнолетно лице се соочува со правен проблем, а правниот совет е најзначаен чекор при разрешувањето на проблемите. Затоа, ФООМ издвои 173 илјади долари за го унапреди системот на бесплатна правна помош и помогна 7 здруженија да се регистрираат како овластени даватели на бесплатна правна помош. За споредба, буџетот што Министерството за правда го издвои за овластените здруженија изнесува вкупно 1 илјада и 500 долари. Преку работењето на здруженијата, повеќе од 5.500 лица добија правен совет за да ги остварат своите социјални, имотни, работнички и други права. Обезбедените правни совети им помогнаа на повеќе од 100 жртви на семејно насилство кои живееле во секојдневна агонија, додека 400 корисници на социјална помош добија правен совет за да ги регулираат своите имотно–правни односи. Како резултат на добиените совети, на 120 лица им беше одобрен бесплатен адвокат од страна на Министерството за правда за успешно да го разрешат својот правен проблем.

Почетоците во реформите насочени кон едукацијата на судиите во државата беа поддржани од Фондацијата. 150 илјади долари беа доделени на Здружението на судии за поддршка на Центарот за континуирана едукација на судиите во период од 7 години, од 1998 до 2005 година. Преку овој центар, само во 2001 и 2002 година, вкупно 1.153 судии учествуваа на 92 обуки, семинари и конференции. Во 2006 година, Центарот за континуирана едукација на судиите прерасна во јавна установа, основана со закон –  Академија за обука на судии и јавни обвинители.

Исто така, првата правна клиника, каде што студентите по право на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ се стекнуваа со практични знаења е поддржана од Фондацијата. Со помош во износ од 63 илјади долари се формираше Центарот за правна клиника, во кои студентите во периодот од 2001 до 2004 работеа на 40 кривични и граѓански случаи годишно.

За парламентарните избори во 2006 година, обезбедивме ад-хок финансиска поддршка во износ од околу 50 илјади долари за Државната изборна комисија (ДИК), по барање од тогашниот претседател. По реформирањето на изборните органи со претставници од администрацијата, ДИК немаше финансиски средства за обучување на новоизбраните членови. Со цел да придонесе во процесот за одржување фер и демократски избори, Фондацијата ѝ додели средства на ДИК за зголемување на капацитетите на обучувачите и членовите на изборните органи и за печатење на материјалите потребни за нивното обучување.

Сè до 2004 година, Министерството за правда на РМ немаше своја веб-страница. Со цел зголемување на транспарентност и отчетност на министерството, ФООМ финансиски го поддржа креирањето на веб-страницата www.justice.gov.mk. Вкупно 107 илјади долари, во периодот од 2004 до 2007 година, беа инвестирани од Фондацијата за поддршка на активностите на Министерството за правда поврзани со кампања „Да градиме заедно! – независно и ефикасно судство“ за партиципативно креирање на Стратегијата за реформа на правосудниот систем и подготовка на нацрт амандманите на Уставот на РМ.

Нашата посветеност кон правосудните реформи беше видлива и преку поддршката на процесот за изработка на новиот Закон за кривична постапка во 2008 и 2009 година, кога издвоивме 43 илјади долари за изработка на компаративни анализи и стручни расправи, за да се обезбеди партиципативност и компаративен пристап во изработката на Законот.

Министерството за правда беше првата институција која ја зајакнавме со формирање тим од 6 правници за поддршка на работната група на министерството за подготовка на изборното законодавство и процесот на реформи во правосудството, како дел од пошироката европска агенда на државата. По ова, во 2008 година дадовме поддршка во висина од 118 илјади долари и за Министерството за внатрешни работи, за усогласување и приближување на домашното законодавството со законодавството на ЕУ, на што работеше тим од 5 правници. Во 2009 и 2010 година продолживме со поддршка од 21 илјада долари на Дирекцијата за заштита на личните податоци за да ја унапреди регулативата за обезбедување приватност на граѓаните по стандарди прифатени во државите-членки на ЕУ.

Во периодот од 16 години од постоењето на Правната програма, ФООМ има инвестирано околу 3,7 милиони долари за поддршка на човековите права и правните реформи во државата, од кои 15% се обезбедени од други донатори, како што се Холандското министерство за развојна соработка, Високиот комесаријат за бегалци при Обединетите нации, Делегацијата на ЕУ преку Европскиот инструмент за демократија и човекови права и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

—————————————————

16 мај 2019