Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Во Македонија, Фондацијата ја почнува својата работа во октомври 1992 година, само една година по осамостојувањето на земјата од Југославија, и тоа со едноставна мисија: да ѝ помогне на новата нација да преживее. Библиотеки, болници, владини агенции, универзитети и медиумски организации – сите ги чувствуваат придобивките од огромниот прилив на опрема и експертиза. Оттогаш, Македонија влегува од една во друга криза, а Фондацијата е тука да реагира – од помош за бегалците од косовската војна во 1999 година, преку реакција на бунтот на албанските герили во 2001 година, до справување со растечки авторитарната власт од 2008 година наваму. Паралелно со реагирањето на кризите, Фондацијата испорачува обука за државни службеници, обезбедува правна помош за илјадници членови на најранливите групи, ги покрива трошоците за патување во странство на младите и негува развој на граѓанското општество. Придобивки од нејзините заложби имаат младински форуми, ЛГБТИ групи, тинк-тенк организации, локални власти, НВОи и ромски активисти. До денес, Фондацијата продолжува да се залага за транспарентна власт, слободни медиуми и активни граѓани, како камен-темелници на едно отворено општество.

Променливи фронтови

Првото навестување дека нешто не е во ред дојде кон крајот на 2014 година. „Добивме порака по е-пошта од нашите пријатели во Палестина во која пишуваше дека нивните братучеди се во затвор во Скопје“, вели Мерсиха Смаиловиќ која ја води локалната хуманитарна организација Легис. „Веднаш помисливме: ’Леле, Палестинци во затвор во Македонија.‘ Не можевме да поверуваме“. Палестинците се обидувале да стигнат до Европската Унија без соодветни документи. Во 2015 и 2016 година, околу 900.000 лица тргнале по нивниот пат, поминувајќи низ Македонија.

Смаиловиќ, која има искуство со давање хуманитарна помош на оние на кои им е најпотребна од Сомалија до Мјанмар, одеднаш сфатила дека најголемата криза е пред нивната врата. Македонија нема закон кој дозволува барателите на азил да минат низ земјата, а ниту една владина агенција не преземала иницијатива за да им помогне. Најголемиот дел од нив пешки поминале 240 километри пат до Србија, избегнувајќи ги и властите и криумчарите.

Кон крајот на 2015 година, за време на кулминацијата на бегалската криза, Смаиловиќ се обратила за помош до Фондацијата. Поради неколкуте грантови, Легис била во можност да испорача 600.000 пакети помош за мигрантите. „До денес, Фондацијата останува единствената невладина организација во Македонија која нè поддржува“, вели таа.

Ова не е првата криза со која се соочила Македонија, ниту пак е прв пат Фондацијата да истапи и да обезбеди хуманитарна помош. Во 1992 година, новата нација е ставена во теснец од југословенската војна на северот и од непријателските политики на Грција на југот. Владата во Атина го блокира меѓународното признавање на земјата поради проблем со името ’Македонија‘, што се користи и како име на еден регион во северна Грција. Новата земјата е отсечена од глобална помош и полека снемува стоки, како што се лекови.

Фондацијата, основана во октомври 1992 година – само една година по осамостојувањето на земјата од Југославија – веднаш се зафаќа со обезбедување на основните работи. „Во тоа време, Македонија беше во длабока криза, не само поради целосниот недостиг на потрошен материјал во болниците и здравствените домови “, вели Ратка Куљан која била претседателка на Управниот одбор на Фондацијата од 1992 до 1996 година. „Постоеше опасност целиот здравствен систем да колабира. Иако медицинската помош не се чинеше соодветно место за почеток на создавањето отворено општество, животот на нашите пациенти мораше да биде приоритет“.

Иницијалната фаза од работата на Фондацијата наликувала на герила акција, вели Куљан, кога најголемиот дел од вработените вложувале и по 20 часа на ден. Во тој период, таа продолжила да работи како гинеколог и била консултирана од програмите за хуманитарна помош и за здравје на Фондацијата. „Почнав да ја убедувам канцеларијата во Њујорк да ни испрати конкретна медицинска помош, согласно нашите потреби, наместо стандардна, претходно пакувана помош. Требаше да ги скенираме сите институции и да видиме кои се нивните конкретни потреби. Секоја вечер испраќавме списоци со медицински потрошен материјал што ни беше потребен.“

За еден месец, вели таа, стигнале 30 пратки со медицинска помош. „Помошта вклучуваше опрема за хируршки операции – некои од материјалите беа со толку добар квалитет што ние прв пат работевме со таков материјал.“ Фондацијата брзо го дистрибуира медицинскиот материјал до 45 болници и здравствени домови. Во рамките на друг проект, набавени се пет камиони за транспорт на крв за бегалците од војната и опрема за тестирање на крвта за ХИВ. Куљан вели дека оваа помош го одржала во функција здравствениот систем во Македонија во следните пет години.

Сепак, реакцијата на Фондацијата на војната во Босна не е ограничена само на здравството. Доделени се стипендии за школување и студирање на околу 302 деца кои избегале од конфликтот во Босна. Куљан се сеќава дека бегалците добиле еднократна помош во износ од 200 евра по човек. „Многумина од нив беа повеќе од благодарни и Фондацијата ја сметаа за свој заштитник“, вели таа. Во јануари 1993 година, Џорџ Сорос на владата ѝ дава кредит во износ од 25 милиони долари, не само за набавка на масло за греење за надминување на нафтената криза, туку и за да испрати порака до меѓународните институции дека Македонија заслужува да биде признаена. Во тоа време, Сорос се обратил и пред Собранието на Република Македонија: „Овој кредит го давам единствено и само бидејќи сметам дека опстанокот на Македонија како мултиетничко и отворено општество е од суштински интерес за Европа и за целиот свет.“

Три месеци подоцна, Македонија станува членка на Обединетите нации, но пошироката криза останува. Поради војната, Србија е под економско ембарго од Обединетите нации, со што Македонија е отсечена од нејзиниот најголем трговски партнер. Во февруари 1994 година, Грците ја почнуваат нивната 19-месечна економска блокада на Македонија. Само три години по осамостојувањето, нацијата е соочена со финансиска пропаст. Според некои проценки, грчката блокада ја чинела Македонија 80 милиони долари месечно – 85 проценти од нејзините приходи од извоз.

Владимир Милчин, извршен директор на Фондацијата од нејзините почетоци до 2015 година, објаснува дека во тој период Сорос лично интервенирал на неколку начини. Не само преку кредитот на владата за набавка на гориво, туку и преку искористување на своето влијание во Бугарија за да го олесни увозот на гориво со парите што тој ги дал како кредит, и сведочел пред Конгресот на САД, апелирајќи за кревање на грчкото ембарго. „Без Џорџ Сорос, Македонија многу тешко ќе го преживееше тој период“, вели Милчин.

Фондацијата ги надополнува личните заложби на Сорос преку проект за отворање дијалог и меѓусебни посети на новинари и претставници на невладини организации од Грција и од Македонија. „Не беше лесно, ни требаше посебна дозвола од грчкото министерство за надворешни работи“, вели тој. „Се обидувавме да објасниме едни на други дека всушност не постои опасност“. Дел од оваа група е Јоргос Папандреу, кој подоцна станал премиер на Грција. Во тоа време, грчките и српските функционери разговарале за можна поделба на Македонија меѓу нив. Милчин вели дека таа идејата делумно пропаднала и заради фактот дека грчките новинари биле во можност да ги раскажат приказните на македонските граѓани пред нивната јавност.

Во тоа време, Фондацијата сè уште работи во режим на криза, и во 1994 година помага преку организација и финансирање на 40 авионски летови за превоз на земјоделски производи – главно грозје, кајсии и домати – до Словенија. Веќе следната година, најдено е долготрајно решение – т.н. зелен коридор кој овозможил копнен превоз на стоки до пристаништата во Албанија, и потоа поморски превоз до Хрватска.

„Немавме основни студии што ќе ни помогнат да донесуваме одлуки. Поголем дел од работата беше реактивна – постои некаква потреба, луѓе ќе умрат ако не го поддржиме ова“, вели Мирјана Најчевска, административна директорка на Фондацијата во 1996 година. „Генерално, работата се базираше на видлива потреба на државата, на институциите. ’Ви треба семенски материјал?‘ Ќе ве поддржиме. ’Ви требаат вакцини?‘ Ќе ви набавиме. ’Ви требаат инкубатори за да не умираат бебиња?‘ Ќе ви дадеме инкубатори.“

Во своите 25 години работа во Македонија, Фондацијата одново и одново помага за време на криза. За само девет недели во 1999 година, бегајќи од косовската војна во Македонија пристигнуваат над 344.500 бегалци. Дадена е поддршка на десетина проекти од локални НВОи кои обезбедуваат хуманитарна помош и психо-социјална поддршка, посебно на жени и деца. Десет локални власти добиваат директна поддршка во финансиски средства за да се справат со приливот на бегалци, а семејствата добиваат помош за да ги запишат децата во градинка. Фондацијата обезбедува храна за 17.500 деца-бегалци во 90 училишта ширум земјата, гради детски игралишта во градовите со најголем број деца-бегалци и финансира културни активности како што се театарски претстави, документарни филмови за кризата и екскурзии за косовските деца.

Две години подоцна, група етнички Албанци кои се нарекуваат Ослободителна народна армија креваат бунт против македонските власти. Фондацијата презема директна акција за време на шестмесечниот конфликт, на која се приклучуваат повеќе од 100 НВОи, преку апели за мир и кампања за демократски реформи. Подоцна, подготвена е збирка книги и организирани се јавни дебати за демистификација на бунтот. Дополнително, спроведен е национален проект за поттикнување излезност на изборите во 2002 година – иницијатива која Владимир Милчин ја смета за една од најважните за време на неговите 23 години на чело на Фондацијата. „Граѓаните излегоа на гласање и го совладаа стравот, а излезноста беше 72,8 проценти – највисоката излезност на избори во историјата на Република Македонија“, вели тој. „Поголема дури и од излезноста на референдумот за независност, што претставува важен успех.“

Кризите се јавуваат во многу форми, па затоа по глобалниот финансиски пад во 2008 година Џорџ Сорос го формира Ургентниот фонд за сите фондации, во износ од 100 милиони долари, со цел да ги олесни најтешките последици од финансиската криза. Реџеп Али Чупи, кој во тоа време бил член на Управниот одбор на Фондацијата, се сеќава дека во Македонија сметале дека „од голема важност е да им се помогне на децата на школска возраст од оние семејства каде родителите ги изгубиле работните места поради кризата“. Во 2010 година, Фондацијата потпишува меморандум за соработка со Министерството за образование за набавка на училиштен прибор, како што се боици, тетратки и мапи, за вкупно 19.714 деца. Следната година, дистрибуирани се 19.636 ранци со училиштен прибор, вклучително и атласи. Во рамките на поврзан проект, обезбедени се училишни прибори и ранци за 1.169 ученици со посебни потреби и за деца од згрижувачки семејства и од домот за деца без родители.

Сепак, ваквите кризни интервенции не се главната дејност на Фондацијата. Долготрајни ефекти можат да се постигнат само преку спроведување долгорочни проекти – оние кои траат цела декада или подолго.

Посветени до остварување на целта

„Во образованието, резултати не може да се постигнат ако проектот трае само три месеци, шест месеци, една година“, вели Жаклина Дурмиш, правничка по професија која води невладина организација специјализирана за образование на деца Роми во Скопје. „И по три години, откако сме им помогнале на децата во првите три години од школувањето, тие пак може да го напуштат образованието ако проектот заврши“. За нејзина среќа, и Фондацијата смета дека најдобрите резултати доаѓаат од долгорочни инвестиции.

Проблемите со кои се соочуваат првачињата Роми се многубројни – непознавање на македонскиот јазик, незаинтересираност на родителите, хронична сиромаштија, социјални стереотипи и отворена дискриминација. Сето ова придонесува кон високи стапки на напуштање на образованието и кон генерално лоши постигнувања на училиште. Дурмиш ги објаснува тешкотиите со кои се соочуваат децата од нејзиното локално училиште: „За да се подготват за прво одделение, децата полагаат тестови на кои има прашања од типот ’Каков звук прават кучињата?‘ Децата Роми не можат да одговорат на овие прашања.“ Таа вели дека на крајот наставниците заклучуваат дека децата имаат „ментални проблеми“ и ги запишуваат во специјални паралелки. Но, училиштето дозволило нејзината група да ги полага тестовите и тие да бидат преведени на ромски јазик. Се разбира, децата лесно одговориле на прашањата. „Се сеќавам на реакцијата на педагогот: ’Тие знаат, само не ги разбираат прашањата.‘“

Во 2004 година, НВО „Дендо вас“ што ја води Дурмиш се здружила со уште четири ромски НВОи ширум земјата за спроведување на проектот за образование на Ромите, иницијатива финансирана од УСАИД, ФООМ, РОФ и Детската фондација „Песталоци“, и координиран од Фондацијата. Проектот траел една декада и до времето кога завршил во 2014 година им помогнал на повеќе од 3.000 деца Роми. Во проектот учествувале 453 наставници, како и огромен број родители Роми, персонал и волонтери од НВОи.

Проектот применува сеопфатен приод преку кој децата се следат за време на целото школување. На почетокот, невладината организација на Дурмиш работела главно со деца на претшколска возраст, подучувајќи ги македонски јазик за да можат да се запишат на училиште и помагајќи им на родителите со запишувањето. Како што напредувал проектот, НВОи се ангажирале и во повисоките степени од образованиот процес, следејќи ги децата за време на средното образование и давајќи им совети за запишување на факултет. Тие работеле и со родителите, поттикнувајќи ги да се вклучат во училишните тела.

На почетокот, во 2004 година, Дурмиш организирала фокус групи на кои ги прашала децата Роми што сакаат да бидат кога ќе завршат училиште. „Највисоката цел на девојчињата беше да бидат чистачки во локалното училиште, а кај момчињата – да бидат столари“, вели таа. „Кога завршивме со проектот, повторно организиравме фокус група и го поставивме истото прашање: „Што сакаш да бидеш?“ Тие одговорија: ’Сакам да бидам лекар, градоначалник, архитект.‘“ Таа не можела да поверува; никогаш претходно не видела таква амбиција.

Сега, децата кои учествувале во проектот се враќаат да живеат во своите заедници и ги инспирираат помладите генерации. Во нашата населба има 15 дипломирани студенти, споредено со само двајца во 2004 година, вели Дурмиш. „Благодарение на оваа програма, изградивме генерација на образовани Роми. Многу од тие деца сега работат. Не се корисници на социјална помош. Тие ѝ враќаат на државата, а не земаат од неа, како што беше претходно“.

Во 2006 година, Фондацијата почнува уште еден мега-проект, овој пат финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка, со цел да поттикне учество во донесувањето одлуки на локално ниво. Долго време, локалните власти беа перцeпирани како корумпирани, нетранспарентни и игнорантни за реалните грижи на луѓето, вели Борис Шарковски кој го координираше проектот, прво како вработен на Фондацијата, а потоа како директор на осамостоената организација. „Голем предизвик беше да се убедат луѓето дека нивното мислење навистина е важно“, вели тој. „Но, по шест месеци, кога се донесуваа одлуките, тие сфатија дека тоа навистина е нивна одлука.“

Фондацијата го надгледувала формирањето форуми во заедниците во 17 општини, со учество на 100 до 300 лица на секој од нив. Во период од три месеци, секој форум одржал шест средби со локалните политичари на кои се зборувало за општинскиот буџет за следната година, преговарајќи за промени и предлагајќи сопствени иницијативи. Најголем дел од дискусиите се однесувале на многу основни потреби: поправка на патишта и училишни згради, чистење на речни корита, собирање на отпадот. Општините прифатиле многу од барањата на форумите. Секоја година, Фондацијата финансирала по една иницијатива од оние што биле одбиени. Шарковски вели дека граѓанските иницијативи често биле полевичарски од остатокот од дискусиите. На пример, граѓаните од Струмица побарале и добиле амфитеатар за драмски претстави. „Нешто што локалната власт немаше да го финансира“, вели тој.

Во остатокот од годината, групите ги следеле одлуките на локалната власт за да се осигурат дека ги исполнуваат буџетските ветувања. Во својот врв, целиот проект опфатил повеќе од половина од сите општини во Македонија, претставувајќи повеќе од еден милион луѓе. „[Форумите] беа добри за општините, но и за граѓаните“, вели Шарковски. „Тие сфатија дека кога средствата се ограничени, не сè може да биде приоритет. Очигледно е дека секој смета дека неговиот приоритет е најважен, но кога седите во соба со 100 други лица кои имаат различни приоритети, луѓето учат да прават компромиси кога буџетот е ограничен.“

Организацијата на Шарковски продолжува да работи со Фондацијата на други проекти, а неодамна разви методологија за поголема транспарентност на локалните власти во однос на финансирањето на НВОи. Досега, 16 од вкупно 81 општина во Македонија се согласиле да ја користат неговата методологија.

Фондацијата смета дека долгорочната соработка со партнерски организации, како онаа на Шарковски, е најдобриот начин за постигнување на нејзините цели. Поддршката за овие организации не ја сочинуваат само грантови и институционална поддршка, туку и обуки и совети. Златко Талевски, извршен директор на Младинскиот културен центар (МКЦ), организација од Битола на југот на земјата, се сеќава дека нивната група била „контролирана анархија“ пред да ги здружат силите со Фондацијата во раните 2000-ти. „Развивме постапки, структура и програми; за прв пат вработивме луѓе и развивме стратегија за привлекување волонтери и за работа со нашите целни групи“, вели тој. „За нас, тоа беше огромен чекор напред, а некои од нас одлучија дека ова е она што сакаме да го работиме во животот – да бидеме дел од граѓанска организација, а не да размислуваме за работа во државна администрација или во некое министерство или општина. Јас сум личен пример за тоа.“

Во тоа време, Младинскиот културен центар сè уште барал простор за да се задоми. Кога Талевски и неговите колеги одбрале локација – импресивна куќа од 19-от век во центарот на градот – Фондацијата ја финансирала реконструкцијата. Оттогаш, МКЦ работи заедно со Фондацијата на дузина проекти, од обука за млади кои бараат вработување до обезбедување правни помош за ранливи групи, од организација на културни настани до помош за локалните тутунари да добијат подобра откупна цена од компаниите и владата.

Многу граѓански организации имаат слични приказни – Фондацијата го помогнала нивното формирање, градењето на капацитети, и потоа ги поддржала во текот на нивниот развој и проширување. Овој процес честопати подразбира поддршка во период од цела декада.

Од голема важност е и фактот дека неколку организации коишто се осамостоиле од програмите на Фондацијата сега се лидери во нивните релевантни полиња на работа. На пример, Младинскиот образовен форум (МОФ) е организација која потекнува од дебатната програма на Фондацијата во 1999 година, и оттогаш станала најефективниот фактор во нејзината област. МОФ станал препознатлив во 2003 и 2004 година кога ја водел кампањата против корупција во високото образование, и претставува првата група која јавно го отворила ова прашање. Поради нивното гласно застапување, главниот универзитет во Скопје – „Св. Кирил и Методиј“ – го донел етички кодекс кој ги регулира односите меѓу студентите и институцијата. Министерството за образование отворило бесплатна телефонска линија на која студентите може да пријавуваат случаи на корупција.

„Тоа прашање го покренавме тогаш и до денес не сме го оставиле настрана“, објаснува Дона Костуранова, извршна директорка на МОФ. Таа вели дека истражувањето на МОФ открило случаи во кои професорите одбивале да дадат преодна оценка на студентите ако не обезбедат доказ дека претходно купиле учебник чиј автор е професорот. Подоцна, оваа практика станува незаконска. МОФ направил контрола во студентските домови, при што утврдил голем број злоупотреби, вклучително и доделување места врз основа на партиска припадност. Во сферата на студентските политики, работата на МОФ помогнала во воспоставувањето студентски тела кои треба да ги заменат дискредитираните студентски парламенти. Оваа организација продолжува да се бори за соодветни избори за членство во студентските тела, за кои Костуранова вели дека биле крајно компромитирани од подмладоците на политичките партии. Залогот на овие избори е голем: лидерите настапуваат од позиција на голема моќ, со значителни буџети. Минатата година, полициски сили биле повикани да се справат со протестите против полнењето на избирачките кутии.

МОФ отворил радио станица како онлајн простор за младински организации и групи, на која се емитува првата радио програма за правата на ЛГБТИ во Македонија, насловена STR8OUT. Радио МОФ ја емитува и првата радио програма посветена на лица со Даунов синдром, која ја води Александар Матовски – Цако, лице со Даунов синдром. Програмата што се емитува на Радио МОФ отвора дискусии за табу теми, социјалниот живот, сексуалноста, образованието и за сè што ги засега најмаргинализираните групи на млади луѓе.

Фондацијата го поддржува МОФ од неговите почетоци, прво со грант за институционална поддршка, а потоа и со грантови за проекти, специјални обуки и совети. Денес, МОФ добива поддршка од различни извори на финансирање, вклучително и од странски влади.

Другите осамостоени организации имаат слични искуства. Како организација, Опции за здрав живот – ХОПС Скопје произлегла од програмата за јавно здравје во 1999 година и е специјализирана за давање помош и поддршка на корисници на дроги. Иако Фондацијата ги поддржала со логистика и обуки, голем дел од финансиите доаѓаат од Глобалниот фонд, меѓународна финансиска организација. Глобалниот фонд работи само во сиромашни земји, а Македонија неодамна беше прекласифицирана како земја со високо-средни приходи, што значи дека Фондот ќе се повлече кон средината на 2017 година. Сепак, Фондацијата стои зад нејзините партнери. Таа се согласи да ја надомести финансиската празнина за 2017 година додека ХОПС најде нови донатори.

Осамостоените организации од Фондацијата се водечки фактори во целиот граѓански сектор во Македонија, од политички истражувања (Евротинк, формирана во 2003 година) до образование (Чекор по чекор, формирана во 2000 година), преку информатичка технологија (Фондација Метаморфозис, формирана во 2000 година) и уметности (Центар за современа уметност, формиран во 1999 година). Сите овие организации се различни, конкурентни и креативни, но сите до една почнале од идејата за создавање отворено општество, и сите се доказ за ставот на Фондацијата дека долгорочни промени може да се постигнат само преку долгорочна заложби.

Странски влијанија во оазата на мирот

На 8 септември 1991 година, без голема врева Македонија се одделува од југословенската федерација – единствената република што постигнала независност без крвопролевање. Сепак, Македонците се очајнички сиромашни и, во голема мера, изолирани од надворешниот свет. Небојша Вилиќ, првиот директор на Сорос Центарот за современа уметност, се сеќава дека чувствувал вина бидејќи имал буџет за патувања кога многумина други од уметничката заедница не можеле да излезат од земјата. „Можев да го визуeлизирам гладот за нови информации, бидејќи бевме многу изолирани“, вели тој.

Вилиќ решил дека ако Македонците не можат да одат и да ги видат големите галерии низ светот, тој ќе ги донесе во Македонија. „Одлучив дека секаде каде што ќе одам, за секоја изложба ќе направам презентација со слајдови и видеа.“ Тој организирал редовни јавни средби во канцелариите на Фондацијата во Скопје. „Се сеќавам дека од Венециското биенале во 1995 година се вратив со 560 слајдови, го сликав секое парче уметност. Одржавме два настани, а на секој од нив имаше повеќе од 200 луѓе. Тоа беше единствената шанса за многу од нив од прва рака да ги слушнат најновите вести од светот на уметноста.“

Сè на сè, Вилиќ одржал 29 вакви настани. Тој вели дека, години подоцна, млади уметници му приоѓаат за да му кажат дека тој им го вдахнал првиот „здив“ инспирација да се впуштат во уметноста.

И на другите полиња, отворањето кон надворешниот свет се сметало од витално значење за опстанокот и успехот на Македонија. Мирјана Најчевска, поранешна административна директорка во Фондацијата, се сеќава дека НВОи со меѓународни врски биле од суштинско значење за изградба на државните институциите во 90-те години. „Граѓанското општество имаше врски со, на пример, Американската адвокатска комора; од граѓанското општество произлегоа едукаторите на судиите, адвокатите и обвинителите“, вели таа. Се сеќава дека одржувала семинари со судии и адвокати за да ги научи на новиот начин на работа – дека „адвокатот бранител треба да брани, обвинителот да обвинува, а судијата да го спроведува законот“.

Фондацијата помага и во основањето на Центарот за континуирано образование на судиите, кој го финансирала од 1998 до 2005 година. Во 2001 и 2002 година, овој центар обучил 1.153 судии преку вкупно 92 сесии, семинари и конференции. Во 2006 година, центарот бил трансформиран во јавна институција и преименуван во Академија за обука на судии и обвинители.

Фондацијата поттикнува еднакво важна размена на идеи меѓу поединци, доделувајќи стипендии и грантови за патувања на илјадници корисници. Од 1992 година, повеќе од 700 Македонци добиле целосни стипендии за студирање во странство, а други 700 добиле поддршка за краткорочни студиски престои, додека огромен број корисници биле финансирани за да посетуваат обуки и туторство. Татјана Трендафилова Поповска, која подоцна станала раководител на Агенцијата за државни службеници, се сеќава на своето прво искуство кога Фондацијата ѝ доделила стипендија за студирање во Обединетото Кралство во 1994 година. „Тоа беше најголемата лична придобивка што ја добив од Фондацијата. Навистина ми го смени животот“, вели таа. Неда Здравева, продекан на правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, се сеќава дека Фондацијата ѝ доделила грант за учество на конференција во Белград во раните 90-ти. Многу законодавци, академици и други влијателни фигури можат да споделат слични приказни.

За многу луѓе, првите искуства со Фондацијата биле преку Soros International House, најголемото училиште за англиски јазик во Македонија. Во текот на 90-те години, секоја година курсеви посетувале околу 1.700 студенти. Потоа, оваа заложба се проширува со програма за англиски јазик во училиштата, која им помогнала на наставниците да ги усовршат своите јазични вештини преку платено учество на курсеви во различни градови, вклучително и во Единбург, Лондон и Оксфорд.

Фондацијата е посветена и на отворање широка дебата во општеството преку изложување на Македонците на идеи – нови и стари – за прв пат на нивниот мајчин јазик. Таа платила превод и публикација на дузина книги во 90-те, меѓу кои и „Изгубениот рај“ на Џон Милтон и „Чекајќи го Годо“ на Самуел Бекет. Освен тоа, Фондацијата го финансирала магазинот „Маргина“, кој ги преведувал водечките критички теоретичари од тоа време, вклучително и оние како Жак Дерида и Ентони Гиденс. Уредничката на „Маргина“, Искра Гешовска, објаснува дека овие теоретичари им биле познати само на мал број академици кои зборувале француски или англиски. Таа вели дека во првите години магазинот и поврзаните проекти успеале „да ја сменат матрицата“ на луѓето за тоа како размислуваат за општеството – „да се види како одеднаш многу луѓе се обидоа да се само-организираат, да создадат нови наративи“.

Небојша Вилиќ, директор на Центарот за современа уметност, се сеќава дека во 90-те години Скопје било идеално место за негување на овие широки дебати. „Сите имавме роднини во другите делови на Југославија. Многумина заминаа во другите делови на светот, но голем број се вратија да живеат во Скопје. Тоа беше единственото место каде поранешните Југословени можеа да се сретнат за време на војните.“ Тој вели дека ако некој центар од Загреб или Љубљана сакал да организира настан, никој од Белград немало да дојде, и обратно. „Скопје беше единственото место каде сите можевме да се собереме“, вели тој. „Тоа беше оазата на мирот, остров кој не беше вплеткан во војните.“

По завршувањето на конфликтите во Југославија, постои очигледна опасност Македонија наместо да апсорбира талент од другите места, Македонците да заминат во потрага за подобра иднина. Фондацијата сакала да се осигури дека тоа нема да се случи. Нејзината програма за стипендии, која се спроведувала од 2000 до 2002 година, субвенционирала плати за 20 професионалци образовани во странство кои работеле во јавната служба. Еден од нив е Никола Димитров, кој подоцна станал амбасадор во САД и потоа во Холандија. „Целта на проектот беше да ги мотивира луѓе со дипломи од странство не само да останат во земјата, туку и да работат за земјата. Јас работев вкупно 17 години за Македонија.“

Сепак, се чини дека долгорочните заложби за Македонците да останат во нивната земјата се урнисани во последните години, во светло на високата невработеност, политичката репресија и релативно лесниот пристап до Европската Унија. Во периодот 2005-2015 година, најмалку 100.000 луѓе добиле државјанство во ЕУ. Некои проценки сугерираат дека дури 600.000 луѓе ја напуштиле земјата, што претставува повеќе од една четвртина од населението. Никола Димитров ја напуштил земјата во 2014 година, одбивајќи место на амбасадор во Русија, во корист на позиција во Хашкиот институт за глобална правда. Иако обата родители му се стари членови на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, тој бил длабоко разочаран со насоката во која оди власта. Истакнува дека дури и неговиот татко се приклучил на неодамнешните анти-владини протести за корупција. „Се чувствувам покорисен за вистинската кауза на Македонија кога работам во холандска тинк-тенк организација, отколку да работам за сегашната влада. Барем можам да кажам што мислам“, вели тој.

Делови на заеднички интерес со власта

Вендаш штом Разим Корачи клекнал на колена и ја кренал раката, навидум во обид да фрли граната, војниците отвориле оган на него. Тој умрел пред очите на ужаснати очевидци и пред група меѓународни новинари. Тоа се случило на 22 март 2001 година, а светот денес гледа кон Македонија со вклучен аларм. Корачи бил етнички Албанец, а неговата јавна смрт го разгорела шестмесечниот конфликт во кој загинале 168 лица. Сепак, земјата избегнува граѓанска војна. Европската Унија и САД праќаат тимови од високи претставници за да олеснуваат постигнување договор поради страв конфликтот да не се прошири надвор од границите на Македонија. Резултатот од нивните заложби е Охридскиот рамковен договор, уставна спогодба која дава специјални права на албанското малцинство, и многу обврски за владата. Но пред сè, да им каже на луѓето на што се однесува договорот.

Неда Здравева, која ја водела правната програма на Фондацијата од 2000 до 2003 година, објаснува дека во тоа време договорот бил „жешка тема“, но малкумина биле запознаени со деталите од него. „Тоа го увидовме на состанок со постар судија од албанско етничко потекло – дури и тој не беше свесен за содржината [на рамковниот договор]. Првата работа што ја направивме беше да го испечатиме и да го направивме јавно достапен, за да не остане голема мистерија.“ Испечатени и дистрибуирани се околу 100.000 копии од брошура со целосниот текст на договорот. „Прво ја дистрибуиравме до судството, па ја ставивме на нашиот вебсајт, а потоа разни НВОи ја делеа во нивните локални заедници, за луѓето да знаат што се случува.“

По ширењето информации, практичната работа можела да почне. Имено, договорот пропишува дека „јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од населението исто така ќе биде службен јазик“, што во практика значи – албанскиот јазик. Јавните служби биле обврзани да вработат персонал со етничко албанско потекло, вклучително и 1.000 полицајци. И судството, војската и државната управа требало да обезбедат соодветна застапеност на етничките Албанци.

Пред потпишувањето на договорот, Фондацијата веќе била вклучена во обнова на националната полициска академија и обука на службениците за човековите права, па затоа таа била во идеална позиција да биде дел од изградбата на новиот полициски модел. Во 2001 година, организирани се состаноци меѓу полициските службеници и претставниците на различни етнички малцинства во Македонија. Следната година, Фондацијата и ОБСЕ ги здружуваат силите со Министерството за внатрешни работи за да испорачаат 54 обуки за целата полициска служба, вкупно 4.200 полицајци, за нивната улога и задачите за време на изборите.

Здравева се сеќава на редовните состаноци со шефот на националната полиција, директорот на полициската академија и министерот за внатрешни работи, на кои се одлучувало за најдобриот начин за спроведување на реформите. „НВОи не беа тие што ќе дојдат и ќе кажат: ’Ние имаме пари и ќе го правиме ова затоа што тоа е дел од нашата агенда‘“, вели таа. Напротив, приодот на Фондацијата подразбира негување соработка, која таа ја опишува како важен успех.

Во меѓувреме, Охридскиот договор дава нова енергија за реформата на државната управа, наложувајќи зголемување на вработувањата и обука за да се надомести недоволната застапеност на припадниците на националностите. Поранешниот стипендист Татјана Трендафилова Поповска, која работела за владата во 90-те години, во 2001 година го напуштила своето работно место и се префрлила во невладиниот сектор, каде повторно се сретнува со Фондацијата. Таа водела проект за поддршка на реформата на јавната служба, финансиран со грант од Фондацијата.

Во 2000 година донесен е Законот за државни службеници и основана е Агенцијата за државни службеници, но таа вели дека владата била целосно неуспешна во обезбедувањето поддршка за агенцијата. „[Агенцијата] немаше буџет до крајот на 2000 година, и молеше да добие канцелариски простор“, вели таа. Новиот систем „воведе заеднички стандарди – за вработување, оценување на работата, унапредување, плати и додатоци на плата“, вели таа, но „никој не беше подготвен за овој нов, голем чекор – ниту владата, ниту Агенцијата за државни службеници“.

Фондацијата и нејзините грантисти, во соработка со Агенцијата за државни службеници, изготвуваат прирачник за државните службеници и дистрибуираат 3.000 копии од истиот, обезбедуваат подготвителна обука базирана на прирачникот, испорачуваат обука за над 300 државни службеници и помагаат во изработката на етичкиот кодекс на Агенцијата. Прирачникот бил во употреба до 2008 година, кога неговата содржина била поставена на вебсајтот на Агенцијата. Принципите утврдени во него сè уште го уредуваат однесувањето на државната управа, вели Трендафилова Поповска, која е еден од авторите и во тоа време работела за Институтот Евро-Балкан.

До 2007 година, Фондацијата сè уште ја поддржува владата за спроведување на одредбите од Охридскиот рамковен договор – повеќето од кои се поклопуваат со обврските што Македонија ги презема со потпишувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација со Европската Унија во 2001 година. Владата се соочува со тешкотии во испораката на овие заложби поради недоволна техничка експертиза, па затоа склучува договор со Фондацијата за обезбедување девет правници кои ќе ги изработат новите правила за полицијата и за судството. Бојан Маричиќ, еден од петте правници сместени во Министерството за внатрешни работи во 2007 и 2008 година, бил задолжен да работи на реформата на полицијата. Тој објаснува дека полицијата сè уште ги применувала југословенските правила: „Најголемиот дел од подзаконските акти за работата на полицијата се напишани во 1970-те години – правила за финансирање, деловник, хиерархија, главен систем за истраги“.

Задачата е огромна – да се изготват целосно нови закони и подзаконски акти за децентрализација и демократизација на полициската служба, и во исто време да се осигури дека тие ги исполнуваат барањата на Европската Унија и ветувањата од мировниот договор од 2001 година. Етичкиот кодекс требало одново да се напише, заедно со сите правила за транспарентност и отчетност. Резултатот бил нов Закон за полиција, донесен во 2009 година, за кој Маричиќ вели дека помогнал во поплочување на патот за визна либерализација со Европската Унија, што им овозможува на Македонците безвизно патување во Шенген зоната.

Иако Законот за полиција сè уште е во сила, Маричиќ, кој сега го води истражувачкиот институт Евротинк, вели дека неговите ефекти се разводнети со други закони и лоши практики. „На пример, [власта] донесе многу строг закон за јавни собири, со широки овластувања за полицијата да користи различни средства за растурање толпа.“ Тој вели дека постојат многу случаи на полициска бруталност и незаконско приведување на лица. „Целата ерозија на системот се случи со одобрување од судската власт. Постоеше супкултура за одбрана на полицијата од каква било одговорност за она што го прави.“

Според Мирјана Најчевска, поранешна административна директорка во Фондацијата, постојат големи проблеми и со вработувањето во полицијата. Во периодот 2004-2009 година, таа предавала на полициската академија, но вели дека полициската служба станала толку многу политизирана што дури и дипломците од академијата не можат да најдат работа. Напротив, службата е преполнета со партиски војници. Татјана Трендафилова Поповска вели дека голем дел од нејзината работа во јавната администрација била урнисана со политизацијата. Таа вели дека во пракса кандидатите за државни службеници се избираат од партиското членство, наместо според нивните професионални компетенции.

Сепак, не сите вести во последните години се лоши. Охридскиот рамковен договор и спогодбата со Европската Унија налагаат децентрализација на политичката и економската моќ. Во таа насока, во 2002 година владата го носи Законот за локална самоуправа и се обврзува да ги пренесе надлежностите од образованието и урбанизмот, како и да обезбеди соодветно финансирање на општините. Во Македонија, како и секаде во светот, донесувањето закон е една работа, но спроведувањето е сосема друга. Јане Вртески, поранешен градоначалник, во 2010 година почнал да спроведува проект за следење на процесот на децентрализација, со финансиска помош од Фондацијата.

Првиот сегмент од оваа заложба опфатил анкета на јавното мислење. Центарот за развој на локална демократија (ЦРЛД), од кој е дел и Вртески, анкетирал 1.800 луѓе за процесот на децентрализација и открил дека нивните мислења во голема мера се позитивни. „Граѓаните чувствуваа дека службите им се поблиски и беа позадоволни од квалитетот, посебно во областа урбанизам и градежни дозволи“, вели Вртески. Тој објаснува дека југословенскиот систем бил децентрализиран, но во 90-те години власта повторно била концентрирана на централно ниво. „Тоа беше логично во 90-те години, кога централната власт се обидуваше да избегне распад на земјата и да ја заштити приватната сопственост.“ Сепак, до 2000-ти години, веќе немаше потреба за централизирано управување. Тој сугерира дека децентрализацијата е природен процес и за народот и за владата, поради „институционалната меморија“ која била изградена за време на југословенската ера.

Анализата на буџетскиот процес, направена од ЦРЛД, покажува помалку позитивни резултати и заклучува дека до 2013 година општините биле недоволно финансирани, високо зависни од централната власт и имало огромен диспаритет меѓу најбогатите и најсиромашните. Сепак, тој нагласува дека и самата анализа на податоците претставува чекор напред – „парите станаа повидливи за пошироката јавност“, вели тој. Генерално, граѓаните сега подобро разбираат како активностите на централната власт влијаат врз нивниот секојдневен живот, вели тој, а меѓународните и националните агенции можат да развиваат подобри политики.

Работата на Вртески ја нагласува отвореноста на НВОи за соработка со владата, нудејќи бесплатни податоци и анализи. Во некои случаи, министерствата се среќни да добијат помош. Никаде тоа не е поочигледно од прашањата кои ги засегаат Ромите. Во 2005 година, Фондацијата, која од својот почеток доделува стипендии за ученици Роми, лансира нов проект во партнерство со Министерството за образование за доделување стипендии и менторска помош за средношколци, финансиран од Ромскиот образовен фонд. Фондацијата се согласува да ја води програмата во период од четири години, пред да ја предаде на владата. Во периодот 2005-2009 година, Фондацијата поддржала 657 ученици, од кои 498 матурирале, што е многу повисока стапка од она што вообичаено би се очекувало. Интервјуираните деца и нивните родители изјавија дека оваа програма била од централно значење за нивниот академски успех.

Реџеп Али Чупи, поранешен член на Управниот одбор на Фондацијата кој од 2008 година работи во Министерството за образование, вели дека министерството сè уште ја смета Фондацијата за свој партнер во програмата за стипендии. „Тие ја развија програмата, ние само ја преземавме одговорноста за нејзиното спроведување“, вели тој. „Суштината на проектот, филозофијата на проектот што ја разви Фондацијата, сè уште се применува овде, во министерството.“ Соработката е многу подлабока, при што персоналот на Фондацијата е дел од панелот кој ги избира кандидатите за стипендии од владината програма, а министерството е дел од процесот на доделување стипендии од Фондацијата.

Во полето на здравство, проблемите на ромските заедници се еднакво сериозни како и оние на полето на образование. Тие живеат далеку од здравствените домови, не можат да си дозволат да платат за лекување, не се во можност да ги пополнуваат формуларите и немаат здравствено осигурување. Во просек, нивниот животен век е за 10 години покус од животниот век на просечен граѓанин во Македонија.

ЕСЕ – Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ), грантист на Фондацијата, применува повеќеслоен приод кон проблемот, користејќи прашалници за ромските семејства за нивните искуства со здравствените установи, ревизија на официјалните извештаи за патронажни посети и за превентивни програми, како што е програмата за рана детекција на рак на грлото на матката, обезбедува параправна помош во случаи кога на Ромите им бил одбиен пристап до или добиле супстандардно лекување, и преку користење на законот за слободен пристап до информации од јавен карактер за да ги натераат властите да објават документи за здравствените буџети и стратегиските планови.

Главната цел е да се зголеми квалитетот и покриеноста, посебно со вакцини, патронажни посети и здравствена нега за мајки и деца, и да се зајакне заедницата за таа да се застапува за своите права. Јасминка Фришчиќ, извршна директорка на ЕСЕ, објаснува дека самиот чин на мониторинг и собирање податоци влијаел врз начинот на кој властите го третираат проблемот; некои институции дури вработиле посебни службеници кои ќе работат на нивните барања за пристап до информации. „Тие се многу поотворени и поподготвени да споделат одредени документи, што беше незамисливо пред само неколку години“, вели таа.

Во позадината на овие заложби, ромските семејства во Македонија се соочуваат со проблем кој го делат сите луѓе на Балканот: несоодветно домување и законска сопственост врз земјиштето. Без тоа, тешко се добиваат какви било јавни услуги. Се проценува дека во 2011 година, кога владата го донесе Законот за легализација, половина од околу 60.000 Роми во Македонија живееле во незаконски изградени домови, со што многу од нив можело лесно да останат без дом.

Фондацијата ги здружува силите со други меѓународни донатори за да го реши проблемот, преку зголемување на јавната свест и преку обезбедување бесплатна правна помош. Националниот ромски центар, невладина организација од Куманово, контактирала со повеќе од 2.000 домаќинства во 12 општини. „Им помогнавме преку објаснување што значи новиот закон и преку помош при пополнување формулари и документи“, вели Ашмет Елезовски од НРЦ. Вкупно 1.513 домаќинства поднеле барања, и досега 559 семејства добиле имотни листови за нивните домови. Останатите 954 барања сè уште се во процес на решавање. Елезовски вели дека интервенцијата спасила многумина да не ги изгубат домовите: „Ако немате дом, немате ништо.“

Фондацијата и нејзините грантисти генерално веруваат дека кога има услови за соработка со владата ефектите се поголеми. Во здравството, образованието и домувањето постои очигледен заеднички интерес. Сепак, во други области создавањето отворено општество е од витално значење – слободни медиуми, права на ЛГБТИ заедницата, поддршка за сексуални работници/работнички и вклучување на граѓаните во изборниот процес се само некои области каде наоѓањето заеднички интерес се покажало многу тешко.

Пополнување на празнините

Поглавјето има непретенциозен наслов: Современи принципи во образованиот процес. Сепак, едно од подзаглавјата отвора сомнеж за дубиозна содржина: Опачините на сексуалниот живот. Ова заглавје од учебникот по Педагогија наменет за средношколци кои сакаат да станат наставници продолжува со опис на хомосексуалците како „варијанти на полов нагон, како опачини“. И продолжува: „Меѓу така ориентираните лица и во двата пола има многу невротични и психотични личности. За сите споменати негативни појави на сексуалниот живот, се забележува дека учесниците на таков изопачен, неприроден и ненормален сексуален живот се личности со психички потешкотии и пречки.“

Во неколку колумни и написи во весници, Ирена Цветковиќ јавно ги обвинила авторите на учебникот за хомофобија. „Хомосексуалноста е изедначена со алкохолизмот и проституцијата“, вели таа за книгата. Но авторите возвратиле со тужба за клевета. „Побараа оштетување од 30.000 евра. За среќа, јас го добив случајот.“ Цветковиќ и нејзините колеги од Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници, грантист на Фондацијата, презеле натамошни акции за повлекување на учебникот од училиштата. Тие поднеле претставка до Државната комисија за заштита од корупција, и го добиле случајот, со што властите биле принудени да го повлечат учебникот, а авторите да ги отстранат навредливите пасуси. Со овој случај од 2011 година, утврдено е дека дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација е опфатена со законот.

За Цветковиќ, поранешен член на Управниот одбор на Фондацијата, случајот имал сериозни професионални реперкусии. „За жал, во тоа време јас работев на универзитетот, на истиот факултет со некои од авторите“, вели таа. Таа требало да добие работно место според нејзиното искуство и квалификациите, но нејзиното барање било неочекувано одбиено без образложение. Цветковиќ сега ја води Коалицијата, чадор-организација што ја сочинуваат пет невладини организации кои работат со маргинализирани заедници: ЛГБТИ, сексуални работници/работнички, корисници на дроги и лица кои живеат со ХИВ. Коалицијата била основана во 2007 година со цел да се застапува во име на другите групи, и како што вели таа, да биде „гласна и гневна“ додека другите организации продолжуваат со нивната работа на локално ниво.

Коалицијата е насочена на работа против говорот на омраза во учебниците и во медиумите, и лобира за подобри закони и подобра претставеност во институциите. Фондацијата ја поддржува нејзината работа од самиот почеток и е единствениот донатор кој финансира застапување за правата на овие социјално маргинализирани групи. Една од членките на Коалицијата, ХОПС Скопје, води сервиси за корисници на дроги ширум земјата. Тие имаат 16 центри во 13 градови кои не обезбедуваат само програма за размена на игли, туку и медицинска, правна и психо-социјална поддршка.

„Кога ќе забележиме рани кај интравенозните корисници ангажираме медицински персонал за лекување“, вели извршниот директор на ХОПС Христијан Јанкуловски, објаснувајќи како центрите органски се прошириле од програмата за размена на игли. „Освен тоа, овие луѓе немаат лични документи за добијат пристап до социјални или здравствени услуги. Затоа, нашите социјални работници им помагаат да ги извадат документите. Во случај кога тие се дискриминирани, покренуваме судски случаи и работиме на нивно зајакнување и застапување.“

Јанкуловски смета дека денес во Македонија има 10.000 до 11.000 луѓе кои користат дроги, од кои 40 проценти ги користат услугите на неговата организација. Дополнително, ХОПС води и центри за околу 20.000 сексуални работници/работнички во Македонија, обезбедувајќи кондоми и нудејќи образование, но и медицинска и правна поддршка. Еден случај што ХОПС го покренал против властите трае речиси една декада. Тој започнал во 2008 година кога полицијата спровела рација во Скопје на локација каде работат сексуални работници/работнички и уапсила 23 лица. Сексуалните работници/работнички биле тестирани за ХИВ и хепатит без нивна согласност, нивните слики биле поставени на вебсајтот на Министерството за внатрешни работи, а медиумите емитувале снимки од нивното приведување. Со помош од Фондацијата, ХОПС води судски случај за компензација и оштета на некои од сексуалните работници/работнички. Во моментов случајот е заглавен пред највисокиот суд во Македонија, но адвокатите веќе се подготвуваат за поднесување апликација пред Европскиот суд за човекови права.

ХОПС е осамостоена организација од здравствената програма на Фондацијата во 1999 година. Фондацијата ја воспоставила првата програма за размена на игли во 1996 година, откако меѓународните експерти заклучиле дека Македонија се соочува со хероинска епидемија. Југословенските војни застанале на патот на криумчарите на дроги кон пазарите во Западна Европа, а Македонија била една од несреќните земји долж нивната рута која била трансформирана од транзит земја во главен пазар. Ратка Куљан ја надгледувала работата на првите центри за размена на игли и терапија, каде корисниците можеле да добијат заменска терапија за хероинот, како што е метадон. „Не наидовме на отворени врати во здравствените центри и болниците“, се сеќава таа. „Помошта дојде од Црквата. Јас не сум верник, но имавме добри контакти и Црквата понекогаш ни отстапуваше простор без надомест кој го користевме за центрите за терапија, што беше големо изненадување за мене.“

И покрај нејзината централна улога во воспоставувањето на програмата за размена на игли, испораката на хуманитарна помош и давањето помош на бегалците, Куљан вели дека најголемиот успех на Фондацијата во првите години била трансформацијата на медиумската средина – уште една област каде донаторите се плашат да интервенираат за да не бидат обвинети за пристрасност или за мешање. Во првите години од својата работа, Фондацијата донирала опрема за монтажа на 10 радио станици и 6 телевизиски станици и набавила хартија за сите весници во земјата, со што ги спасила печатените медиуми од можно затворање. Soros Press & Information Center обезбедил програми и филмови со титлови на македонски јазик, и други информации за медиумите.

„Со наша помош се зголеми бројот на медиуми, а потоа почнавме да ја спроведуваме идејата за отворено општество во Македонија“, вели таа, нагласувајќи дека мотото било „да се помогне секому, по малку“, а не контрола или насочување на медиумите. Во следните години, медиумските куќи кои успеале да преживеат добиваат донации во опрема или грантови за подобрување на квалитетот на нивната понуда. Меѓу нив е и А1 телевизија, која станала најпопуларниот канал во земјата. По вооружениот конфликт во 2001 година, Фондацијата помага за изградба на антенскиот систем кој бил уништен за време на пресметките.

До средината на 2000-те години, Фондацијата почнува постепено да ја намалува и укинува својата поддршка за медиумите поради појавата на разни организации, што претставува разумно ниво на конкуренција на пазарот. Сепак, поранешниот извршен директор на Фондацијата Владимир Милчин објаснува дека по 2006 година политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот албански коалиционен партнер ДУИ почнале да ги истиснуваат критичките гласови во медиумите и, генерално, во општеството. Државните медиуми биле под строга контрола, а телевизијата А1 и трите весници од истата медиумска групација биле затворени во 2011 година, наводно поради затајување данок. „Со тоа се истисна просторот за луѓето критички да размислуваат за она што се случува во Македонија – владата контролираше сè,“ вели Милчин. „Моравме да направиме нешто.“

Оттогаш, Фондацијата доделува финансиски средства на 22 независни медиуми и помага на друга осамостоена организација, Фондацијата Метаморфозис, да го воспостави Вистиномер, кој ги споредува изјавите на политичарите со нивните дела. Во 2011 година, Фондацијата го доделила почетниот грант за Вистиномер, но оваа онлајн платформа сега се финансира од други донатори.

Медиумските проекти на Фондацијата одат рака под рака со поддршка за технологија и Интернет. Бардил Јашари, кој сега ја води Метаморфозис, вели дека веб-просторот во Македонија би бил пустина без Фондацијата: „Немаше да има пристап до Интернет и немаше да има содржини“. Јашари, кој една декада работел за Фондација пред да ја основа Метаморфозис, се сеќава на креирањето вебсајтови за 15 локални самоуправи во 90те години. „Ние дури и го регистриравме доменот за нив, бидејќи тоа беше тотално непознато за нив“, вели тој и додава дека во тоа време повеќето институции не сметале дека ова прашање е важно. „Ние го креираме вебсајтот, обезбедивме хостинг и потоа им рековме: ’Вие треба да го одржувате!‘ А тие не прашаа: ’Како мислите?‘“ Јашари објаснува дека локалните власти не знаеле зошто им треба вебсајт, ниту пак какви информации да стават на веб-страницата. Освен тоа, тие немале квалификувани работници кои ќе ја вршат оваа работа. Заради тоа, Фондацијата ангажирала и платила по еден вработен во секоја општина кој ќе се грижи за нивните вебсајтови. Проектот станал одржлив по две години, вели тој, кога функционерите почнале да ги разбираат придобивките од присуството на Интернет.

Сепак, локалните власти не се единствените кои ги осетиле придобивките од присуството на Интернет. До 2004 година и Министерството за правда немало свој вебсајт, кога Фондацијата го финансира неговото поставување.

За поранешната административна директорка Мирјана Најчевска, овие приказни покажуваат дека Фондацијата поддржува прашања кои малкумина други ги допираат. „Тоа се работи кои се надвор од популистичката матрица на вредности, како на пример ЛГБТИ организации или НВОи кои работат со лица со попреченост“, вели таа. Во своите 25 години работа, Фондацијата обезбедила заеми за земјоделци, финансирала автобус со книги кој патувал во изолираните заедници, донирала стотици компјутери на училишта и библиотеки, и поттикнала илјадници млади да бидат дел од дебатни друштва. Таа продолжува да работи во области каде другите не гледаат дека има потреба – поддршка за младински организации, финансирање правни истражувања за интеграциите во ЕУ и застапување за подобра локална власт, се само некои од нив. „[Фондацијата] секогаш се обидува да влезе во области кои се празни – нешто што јас навистина го ценам“, вели Најчевска.

***

—————————————————

23 април 2019