Конкурси
пронајди

ПОВИК ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ НА ГРАНТОВИ ЗА МОНИТОРИНГ НА АКЦИСКИ ПЛАНОВИ ВО ОПШТИНА ЦЕНТАР

Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) го реобјавува повикот за доделување грантови на локални граѓански организации во Општина Центар. Грантовите се доделуваат за мониторинг на акциските планови од четирите локални стратегии на општината за областите: образование, млади, социјална заштита и соработка со граѓанскиот сектор. Целта на мониторингот е учество на граѓанскиот сектор во следење на спроведувањето на предвидените мерки и активности во консултативен и партиципативен процес со општинската администрација како предуслов за создавање ефикасни партнерства меѓу локалните власти и граѓанскиот сектор.  

Повикот е отворен за сите граѓански организации кои се регистрирани на територијата на град Скопје и реализираат активности на територија на Општина Центар. Избраните граѓански организации ќе треба да го реализираат мониторингот до крајот на 2016 година. 

Вкупниот фонд на средства кои ќе се доделат на повикот за мониторинг на акциските планови во Општина Центар изнесува 12.000 УСД. Максималниот износ на средства кој може да биде доделен на едно здружение на граѓани изнесува 4.000 УСД.

Потребни документи за аплицирање на повикот:
- пријава за повикот - достапна на линкот подолу;
- копија од документите за регистрација од Централен регистар на РМ;
- годишен наративен и финансиски извештај од претходната година (доколку не се доставува извештај, да се достави изјава за причините);
- работни биографии на клучниот персонал во проектот;
- портфолио на слични активности реализирани во последните три години;
- краток опис на методологијата, планираните активности и алатките со кои планираат да го реализираат мониторингот.

Целокупната документација треба да биде испратена пo пошта или да биде доставена на адресата на ФООМ: 

Фондација Отворено општество – Македонија, 
бул. Јане Сандански 111, п. фах 378, 
1000 Скопје 


Крајниот рок за поднесување на пријавите е 20 мај 2016 година (петок). 

Пријавите добиени по предвидениот рок нема да бидат разгледувани. За пристигнатите пријави по повикот ќе одлучува комисија составена од претставници од ФООМ и општина Центар.

Клучни зборови

| општини